Мицкоски вели дека извештајот за земјава е спротивен на изјавите на европратеникот Вајц
Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Томас Вајц, напротив извештајот што го имам слушнато јас е комплетен антипод од вашите прашања. Ова беше одговорот што премиерот Христијан Мицкоски го даде прашан да ја коментира изјавата за европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека земјава не постигнала никаков напредок во реформите во последната година.

Изјавата на Вајц е дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“, објавено денеска.
„Во последната година не видовме никаков напредок, никакви реформи. Не станува збор само за започнување на преговорите, туку и за реформската агенда, за планот за раст. Доколку земјата (Северна Македонија) не ги спроведе потребните реформи, 47. милиони евра нема да одат кај неа, туку кај соседните земји“,изјави, меѓу другото, европратеникот Вајц во интервјуто за „Еуроњуз Бугарија“.
На новинарско прашање по денешниот увид во изградбата на Универзалната сала во Скопје – како ја коментира изјавата на европратеникот и известувач за С Македонија, Мицкоски рече:
„Не знам јас кој извештај сте го читале од известувачот Вајц, напротив, извештајот што го имам слушнато јас е комплетен антипод од вашите прашања“.
Во интервјуто за бугарски „Еуроњуз“ објавено денеска, европратеникот рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, владата мора да ги спроведе реформите.






