Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ поддржува една изборна единица, нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборен процес

ВМРО-ДПМНЕ нема никаков проблем да поддржи една изборна единица, изјави претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со предложените измени на Изборниот законик по скратена постапка, кои денеска се на дневен ред на собраниската седница, поднесени од Либерално-демократската партија.

Тој при тоа го повтори партискиот став дека ќе поддржат предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората. Како што рече, „нема поголемо демократско право од тоа дијаспората да учествува во изборен процес за парламентарни и претседателски избори“, откако пратеничка од опозицискиот Европски фронт, рече, ја обвинила Владата дека не се грижела за дијаспората со новиот Закон за локална самоуправа и го ускратувала правото.

 

-Еве, ние сме за тоа да имаме една изборна единица и да може да учествуваат тие во еден таков изборен процес. Да немаме трошоци, да немаме повеќе изборни единици, да имаме една и, практично, сите гласови да се влеваат во една изборна единица, и на резидентното население, но и на дијаспората што ќе сака да учествува. Дури отидовме и чекор понапред и рековме – досега се гласало во дипломатско-конзуларните претставништва, но има држави кои дозволуваат да се постават гласачки кутии/места и надвор од ДКП-та, односно екстериторијални, дури рековме и за тоа сме „за“. Така што, ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме никаков проблем да поддржиме една изборна единица, рече претседателот на Владата при денешната посета на Машинскиот факултет на УКИМ.

Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка поднесен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократска партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица, денеска е на дневен ред на 53. седница на Собранието.

Според образложението, предложените измени за оведување на една изборна единица се со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; Воведување на преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници; Поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво и Јакнење на довербата во изборниот процес – преку транспарентност, правичност и зголемена отчетност на политичките актери.

Back to top button
Close