Мицкоски во Будимпешта без министрите од „Вреди“ и ЗНАМ, владината портпаролка вели таков бил протоколот

 

Портпаролката на Владата Марија Митева, во изјава за „360 степени“, вели дека посетата на Будимпешта е протоколарна работа договорена согласно протоколот на Унгарија и дека секое министерство што има пандан за средба, е присутно
Премиерот Христијан Мицкоски, за време на посетата на Унгарија, денеска во Будимпешта положи венци на Меморијалниот споменик на унгарските херои.

„Нека ова положување венци биде симбол на пријателството, благодарноста и заедничките вредности што ги споделуваат Северна Македонија и Унгарија“,

се вели во објавата на фејсбук-страницата на премиерот Мицкоски во која се додава дека ова е чин на почит и сеќавање кон оние што ја вградиле својата жртва во историјата.

Од фотографиите објавени на Фејсбук може да се види дека со Мицкоски во Будимпешта се само дел од министрите и заменик-министрите во Владата. Во владината делегација која денеска и утре ќе учествува на унгарско-македонскиот владин самит се министрите од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, но не и министрите од ЗНАМ и од коалицијата „Вреди“.

Портпаролката на Владата Марија Митева, во изјава за „360 степени“ вели дека посетата на Будимпешта е протоколарна работа договорена согласно протоколот на Унгарија и дека секое министерство што има пандан за средба, е присутно.

Дополнително, вели Митева, на фотографиите можете да го забележите и Љупчо Димовски кој е дел од владината коалиција.

Според агендата, за која денеска информираа од владината прес-служба, Мицкоски и неговиот домаќин, унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе имаат тет-а-тет средба, а во рамките на самитот предвидено е да се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри на двете влади.

По ова ќе следи заедничка седница на владите на двете земји.

Инаку, за период од околу пет месеци ова е втора заедничка средба на владите на двете земји, откако на чело на македонската е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Првата се одржа кон крајот на септември лани во Охрид, каде на гости беа унгарскиот премиер Виктор Орбан со неговите министри.

И тогашната средба беше организирана според идентична агенда, каква што е најавена и за состанокот на двете влади што утре и задутре ќе се одржи во Унгарија. Но тогаш, според објавените фотографии, можеше да се види дека беа присутни и министри од „Вреди“ и ЗНАМ.

Меѓу поинтересните моменти кои произлегоа од средбата во Охрид, беше предлогот на унгарскиот премиер да посредува меѓу Скопје и Софија за изнаоѓање решение за спорот меѓу двете земји, што веднаш беше одбиен од тогашната техничка влада во Бугарија.

 

Back to top button
Close