Мицкоски: Во периодот што следи ќе има многу случаи за злоупотреба на распределбата на земјоделското земјиште
Во периодот што следи ќе има многу случаи за злоупотреба во врска со начинот на којшто се доделувало земјоделското земјиште, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција по средбата со претставниците на Македонската банкарска асоцијација.
Во одговор на новинарско прашање во врска со засилените контроли на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за распределбата на земјоделското земјиште, Мицкоски рече дека се работи за една од стратешките определби на оваа Влада.
– Тоа е една од стратешките определби на оваа Влада и јас мислам дека во периодот којшто следи ќе има многу случаи за злоупотреба во врска со тоа како се доделувало тоа земјоделско земјиште и од сега натаму тоа земјиште треба да оди онаму каде што е навистина е потребно, тоа е на земјоделците, а не на оние кои што земјоделието им е секундарна, терцијална или можеби и друг тип на работа и приоритет, рече Мицкоски.
Во врска со Предлог-буџетот за 2025 година, којшто моментално е во собраниска процедура и обвинувањата од страна на опозициската СДСМ дека Владата ќе ги довршува и Знаете дека почна да се дебатира околу Предлог-буџетот во Собранието, опозицијата вели дека вие не вложувате во инфраструктурата, туку дека само ги довршувате проектите од минатата власт.
– Добро, сега и опозицијата треба нешто да каже, ние не можеме тука да забраниме да се зборува, но тоа што го зборува опозицијата е целосно неточно. Мислам станува збор за повеќе од 50 милијарди денари капитални инвестиции. Инаку да, треба некој да ги заврши тие проекти. Зарем треба да се случи истото што се случи со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, односно седум години да не мрднат ни милиметар. Зошто? Затоа што тоа било почнато од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега ние треба да речеме „а не, ова е проект на СДСМ и ние нема да го работиме“. Би било многу неодговорно доколку така се однесуваме, затоа ние се одлучивме да засукаме ракави и сето она кое што е почнато да го завршиме, а во меѓувреме да развиваме проекти кои што потоа би ги аплицирале, рече Мицкоски.