Мицкоски во повторен обид да обезбеди ново мнозинство – за распуштање на парламентот

 

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја актуелизира темата за вонредни парламентарни избори, на претпоследниот ден од „грејс-периодот“ од 90 дена што го доби Владата на Заев, на која ѝ беше изгласана доверба во Собранието во почетокот на март

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави денеска дека секојдневно, како што рече, работи на тоа да обезбеди 61 глас во парламентот за да може да побара негово распуштање и одржување предвремени парламентарни избори.

„Не е прашањето дали се потребни предвремени парламентарни избори, туку кога тие би се одржале“, рече Мицкоски, одговарајќи на прашање дали останува на барањето заедно со локалните избори наесен да има и нови избори за пратеници.

Тој посочи дека преку Собранието е единствениот пат за одржување предвремени парламентарни избори, така што треба да се обезбеди апсолутно мнозинство за самораспуштање на актуелниот собраниски состав.

„Не познавам друг начин за одржување предвремени избори, а што се однесува до методологијата, секојдневно работиме на тоа и кога ќе имаме 61 пратеник јавно ќе соопштиме“, рече Мицкоски, на денешната прес-конференција, на која го анализираше четиригодишното владеење на СДСМ и Зоран Заев. чија прва Влада беше избрана на 1 јуни 2017 година.

На прашање дали е оптимист дека ќе обезбеди 61 глас за распуштање на парламентот, опозицискиот лидер посочи дека е оптимист дека оваа Влада, како што рече, треба час поскоро да замине.

Мицкоски коментираше и изјава на претседателот на Беса Билал Касами дека оваа партија би коалицирала на локалните избори со која било дрига партија, освен со ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа пред се е навреда за политичките конкуренти на Беса. Колку што разбрав, Касами планира да биде кандидат за градоначалник на Тетово, а Фадил Зендели за Гостивар. Споре тоа, тие се толку убедени дека не им треба поддршка од други партии на изборите. Такви изјави даваат луѓе кои или не ја разбираат политиката или на кои политиката им е хоби, а не сериозна професија. И такви партнери не ни требаат“, оцени Мицкоски.

На новинарско прашање дали има сознанија дека градоначалникот на Петровец, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, местел тендери за својот брат, Мицкоски одговори одречно, а,ма апелираше ако има докази за тоа да му се достават и тој, како што рече, лично ќе ги процесуира до обвинителството.

Во почетокот на годината, Мицкоски подолго врем најавуваше формирање ново парламентарно мнозинство, како увертира за закажување вонредни избори за пратеници.

Тоа беше причината поради која премиерот Заев побара во парламентот да ѝ се гласа доверба на неговата Влада, по што доби поддршка од 62 пратеници, колку што брои собраниското мнозинство. Но, утре, практично, истекува грејс-периодот од 90 дена во кој не можеше да се поставува ново прашање за доверба на Владата.

 

Back to top button
Close