Мицкоски во Прилеп вети субвенции од пет отсто од буџетот за земјоделците и тутунопроизводителите
Мицкоски, ова го истакна одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дека се уште не се исплатени средствата од петтиот пакет антикризни мерки, со кои се опфатени и тутунарите од Прилепско
Тој истакна дека треба да се зголеми вложувањето во земјоделието затоа што државата е производител на навистина квалитетна храна, но и на тутун.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваме и тоа ќе го направиме веднаш кога ќе ја имаме можноста да ја водиме Владата во Македонија, субвенциите за земјоделците, меѓу кои посебно место ќе имаат тутунопроизводителите, да изнесуваат пет отсто од буџетот. Ќе дадеме се од себе, преку методологија и механизми што ги имаме предвидено во програмата ‘Обнова за Македонија’, да не ни се случуваат вакви работи какви што денеска се случуваат во Прилеп, односно како што се случуваше и минатата година при откупот на тутунот. Мојата порака и до земјоделците и до тутунопроизводителите е да бидат спокојни, да не се обесхрабруваат, крајот им доаѓа на овие криминалци и политички измамници. Најмалку пет проценти од државниот буџет директно ќе биде вложен во земјоделието, со посебен акцент на тутунопроизводителите“,
истакна Мицкоски.
Тој посочи дека во изминатиот период бевме сведоци, како се шверцуваше тутун, а во јавноста се шпекулираше дека тоа го прават фирми блиски до Љупчо Николовски, при што царинската управа тоа го потврди додека домашниот тутун остануваше во амбарите непродаден.
Мицкоски додаде дека тој изразува жалење и поддршка и дека навистина сочувствува со болка и мака која што во моментов ја чувствуваат и живеат тутунарите затоа што во континуитет се лажени од оваа Влада, предводена од Зоран Заев
„Како човек, изразувам жалење и поддршка за луѓето кои што се тутунопроизводители и кои што континуирано се лажени од оваа Влада, и од Љупчо Николовски, и од Зоран Заев. Минатата година беше историски најлошата за нив, голем број трауми и лични искуства слушав и навистина сето тоа, мене како човек, ме погоди. И сочувствувам со сета нивна болка, со сета нивна мака која што тие луѓе во моментот ја чувствуваат и ја живеат. Самите рековте дека оној, би рекол егзибионистички донесен петти пакет и не е исплатен, тоа го кажуваат и тутунопроизводителите овдека во прилепско“, истакна Мицкоски.