Мицкоски: Во тек се консултации – каква треба да биде формата на референдумот

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска потврди дека стои на ставот оти за „францускиот предлог“ треба да се оди на референдум, но сè уште траат консултациите за тоа каква треба да биде формата на референдумот и прашањето.

„Во периодот што следи ќе продолжат консултациите со експертите и со јавноста околу тоа каква форма ќе биде референдумот – задолжителна, консултативна, кога би се одржал тој референдум, кој би го поднел – дали пратениците, дали тоа ќе бидат 150 илјади граѓани, дали ќе биде претходен референдум или последователен, дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот на преговарачката рамка што се повикува на билатералниот Договор со Бугарија и изворот на проблемите, а тоа е Протоколот. Тоа се работите што треба да го заштитат македонскиот идентитет и за кои оваа Влада, која нема никаков кредибилитет, нема право да преговара и нема право да потпишува договори“ рече Мицкоски.

Мицкоски смета дека противници на референдумот се власта и инсталации на власта во опозицијата.

„Тоа е една чудна ситуација што ги обединува тие инсталации на власта во опозицијата помеѓу македонскиот народ и самата власт, а сите останати, огромно мнозинство граѓани, без оглед на етничката припадност, се за тоа да имаме референдум“ смета Мицкоски.

Тој вели дека не го слушнал ставот на партиите на Албанците од опозицијата, но смета дека по поддршката при гласањето за, како што рече, лист хартија во парламентот, има дилема дали воопшто се во опозиција.

„Или пак се резервна варијанта или базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат. За да се идентификуваат себеси како опозиција треба во јавноста да излезат со ставови со кои ќе ја критикуваат власта. Ако тие ги поддржуваат ставовите на власта, тогаш не гледам како тие можат себеси да се идентификуваат како опозиција“ рече тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека огромно мнозинство граѓани, што го покажувале и анкети, се за референдумско изјаснување зашто, како што рече, ова е од суштинско значење за граѓаните. Порача дека тие треба да бидат спокојни оти чуварот на идентитетот и на Уставот се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со неколкумина останати пратеници во парламентот.

Back to top button
Close