Мицкоски во Вашингтон на средба со конгресмените Клаудиа Тени и Кит Селф, разговарано за значењето на стратешкото партнерство со САД

Премиерот Христијан Мицкоски кој ја предводи владината делегација во работната посета на САД, денеска во Вашингтон остварил средби со конгресменката Клаудиа Тени и со конгресменот Кит Селф.

-Остварена средба со конгресменката Клаудиа Тени, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. На средбата разговаравме за традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, како и за значењето на парламентарната соработка и размената на искуства меѓу двете земји – објави премиерот Мицкоски на Фејсбук.

Мицкоски во објавата додава дека посветеноста кон унапредување на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни односи остануваат важен темел за идната соработка.

Освен со конгресменката републиканка Тени, Мицкоски се сретнал и со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.

-На средбата разговаравме за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од значење за нашите две држави – додава премиерот во објавата.

Мицкоски, во рамки на посетата на САД, ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

– Во Њујорк, на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретнам со голем број државници. Имаме веќе потврдени средби. Во принцип се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски. Инаку, што се однесува на состанок со бугарската делегација, до овој момент немаме во план таква средба – рече премиерот во интервјуто во понеделникот за Националниот сервис.

Back to top button
Close