Мицкоски за „Безбеден град“: Од десетици илјади прекршоци, сега камерите регистрираат по 2-3 илјади дневно

Драстично е намален бројот на сообраќајни незгоди, но и на прекршоците кои ги регистрираат камерите на „Безбеден град“, кажа премиерот Христијан Мицкоски прашан дали очекува поддршка и вклученост од опозициската СДСМ во некоја фаза од законските измени со кои прокетот треба да стапи во сила од 1 февруари. Според Мицкоски, клучно е што ефектите од досегашниот тест-период веќе се чувствуваат.

„Јас вчера имав координативен состанок со раководството на МВР и со луѓето кои се одговорни за овој проект. Бројките во јануари се уште поохрабрувачки споредено со бројките од декември. Тоа значи имаме повеќе човечки животи спасени, помалку сообраќајни незгоди, помалку пациенти на траума и, на крајот од денот, побезбеден сообраќај. Така ако веќе го гледаме оној хуман аспект на самиот проект, јас сум навистина задоволен. И она што мене ме радува е ако од почетните денови кога имаше неколку десетици илјади сообраќајни прекршоци, во одредени денови на почеток имаше и повеќе од сто илјади, сега веќе се движиме на бројката две-три илјади на ден“, рече Мицкоски.

Одговорајќи на новинарско прашање дали ќе постои механизам со кој ќе се заштитат податоците на граѓаните во „Безбеден град“ за да не бидат злоупотребени, премиерот кажа дека се потребни протоколи и приспособувања.

„Многу работи во текот на имплементацијата ќе почувствуваме дека недостасуваат. Никој веднаш кога го имплементирал овој проект не бил перфектен 100 отсто. Логично е во следните три до шест месеци да имаме одредени усогласувања. Но, исто така, она што, ќе повторам, мене ме прави среќен е што хуманиот аспект од овој проект ние го постигнавме, а тоа е помалку жртви како резултат на сообраќајни незгоди“, додаде Мицкоски.

Претходно премиерот Мицкоски кажа дека очекува измените на Законот за прекршоците да бидат донесени на првата наредна пленарна седница на Собранието и со тоа да се отвори пат системот „Безбеден град“ и официјално да профункционира од 1 февруари.

Неизвесноста во врска со измените на Законот за прекршоци, а со тоа и на планираниот датум за почетокот на проектот „Безбеден град“, се наметна откако по лидерската средба лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кажа дека бара гаранции за да ги поддржи измените, односно дека треба да се разгледаат амандмани што се поднесени во Собранието во врска со нив.

Извор: 360stepeni.mk

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close