Мицкоски за „Безбеден град“: Резултатите се гледаат веќе во декември, нула жртви во сообраќајки во однос на лани
Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен и досегашната имплементација на проектот „Безбеден град“ за што вели потврда се и бројките за нула загубени човечки животи во сообраќајни незгоди во декември годинава во однос на истиот период лани.

– Морам да кажам дека ако се спореди декември 2025 со декември 2024 година ќе дојдеме до еден параметар кој нас не прави задоволни и среќни бидејќи во Скопје во декември 2024 година поради сообраќајни незгоди животот го загубиле пет лица, а оваа година ниту едно. Значи, примената на апликацијата го дава резултатот. Вкупниот број на лица кои го загубиле животот во сообраќајни незгоди во 2024 година е 142 лица, а во 2025 година е 131 лице со драматично намалување на бројката во декември. Тоа значи дека и во градовите каде нема инсталирано вакви уреди, внимателно возат, но и на автопатите каде има инсталирано ваков тип на уреди, изјави денеска Мицкоски.
Вели дека од 1 февруари за кога се најавува официјалната примена на системот со казнување, не очекува се да функционира беспрекорно, но дека системот ќе се надоградува постојано.
– Ценам дека како Влада опстојавме и покрај, јас би рекол, оној мал дел од општеството којшто го нареков талог на општеството којшто го исмејуваше сето тоа – правеше шеги на моја сметка, на сметка на Владата, имаше разноразни рилсови, но овие нула загубени човечки животи во Скопје, не прават задоволни. Сето она што беше антикампања или кампања почна со сарказам од овој мал дел од наши сограѓани, бројките ги демантираат, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Кавадарци на првиот ден од Новата Година.






