Мицкоски за најавите на Ахмети дека ДУИ ќе излезат на улица: Најпрво да ги види милионерите околу него кои збогатија на грбот на граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски упати апел до првиот човек на ДУИ, Али Ахмети да не живее во минатото и да гледа кон иднината, коментирајќи ги најавите на Ахмети дека ДУИ би можела да излезе на улица и да протестира. Мицкоски го советуваше Ахмети најпрво да ги види милионерите кое се околу него а се збогатиле на грбот на граѓаните, а потоа да се обиде да ја реконструира својата партија наместо да се заканува.

“За жал, господинот Ахмети изгледа се уште живее во минатото, затоа што ако живее во сегашноста ќе може да направи огромна материјална разлика помеѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во којашто тој е во опозиција, а околу него има многу милионери коишто на грбот на граѓаните на Македонија се збогатија. И тоа е основната причина зошто тој е во опозиција. И мислам дека ако е мудар, како што се претставува ќе извлече поука и наместо да се заканува, ќе направи структурни реформи и програмски и кадровски во неговата партија. И со нови ликови, со нова програма, ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата”, рече Христијан Мицкоски, премиер .

Ахмети најави дека ДУИ би можела да организира масовни протести за поддршка и ослободување на Крешник Бектеши, кој се наоѓа во притвор како дел од истрагата за пожарот во Кочани во кој загинаа 62 лица. Ова не е првпат Ахмети да се заканува со улични протести – истото се случи и минатото лето кога со образложение дека владата е нелегитимна најавуваше дека револтот ќе го изразел на улица. Веќе неколку месеци, полицијата трага по најблискиот соработник на Ахмети, Артан Груби кој се најде на црната американска листа за корупција. Покрај Груби за вмешаност во сериозен криминал се трага и по уште еден член на ДУИ, Перпарил Бајрами, кој исто така е во бегство, а кој е осомничен за злоупотреби со тендери во државна лотарија во времето кога беше директор. (Алсат.мк)

Back to top button
Close