Мицкоски за обвинувањата за партизација во М-Нав –порано таму се тепаа
Премиерот Христијан Мицкоски избегна да одговори на обвинувањата за партизација во М-Нав, по вработувањето на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ во државната компанија која го контролира авиосообраќајот и наместо тоа зборуваше што се случуваше во М-Нав во минатото. На прашањето за сегашната партизација, Мицкоски вели партиски функционери таму порано се тепаа.
На огласот за вработување во М-Нав, минатата недела, беа примени потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Филип Ѓорѓиев, сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија Анита Стамнова, Атанас Стамнов и Ивана Југ – сопруга на починатиот Игор Југ, кој беше осуден за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.
„Јас знам дека високи претставници на поранешната влада делеа тупаници во М-Нав и се пресметуваа на поинаков начин, а за оваа влада не верувам дека има таква појава, за разлика од поранешната каде што луѓе беа притворани. Се сеќавате како таму се решаваа проблемите кога упаѓаа високи претставници на политичката партија којашто беше дел од коалицијата во поранешната влада, нејзини претседатели на ограноци па делеа тупаници таму“, изјави Мицкоски.
Додека беа во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ постојано обвинуваше за вработување партиски синови, ќерки, браќа и внуци во М-Нав, каде што платите се неколкукратно повисоки од другите институции.
На огласот за вработување во М-Нав од 9 јули се бараа осуммина вработени за плати од околу 1000 евра, но беа примени само петмина, меѓу кои и тројцата блиски до владејачката партија. За три работни места огласот на 16 јуни беше повторен затоа што пријавените кандидати наводно не покажувале интерес за работата. Вработени во навигацијата велат дека огласот е повторен затоа што не можеле да се вработат тие што биле планирани за тоа место. За две од слободните работни места се бара средно образование, а за едно факултет. Платите се од 51 до 66 илјади денари, а огласот е отворен до 25 јули.
Синдикатот во М-Нав доставил пријава во Трудовиот инспекторат затоа што интервјуата со пријавените кандидати ги вршеле само тројцата директори без присуство на сведоци, што, според нив, е спротивно на Колективниот договор. Има најави дека и дел од одбиените кандидати ќе се жалат на изборот.
Синдикатот уште минатиот месец се закани со штрајк ако продолжат вработувањата на непотребни партиски кадри, наместо контролори на летање, инженери и метеоролози.
Синдикатот беше во конфликт за партиските вработувања и со претходното раководство, а случајот ескалираше на почетокот на минатата година кога секторскиот директор Беким Незири од ДУИ со пријатели упадна во контролата на летање и нападна контролор