Мицкоски за писмото на Лога: Ќе направиме упад кај малкумина партизирани обвинители и судии


Засегнати од реформите во судскиот и обвинителскиот систем ќе бидат малкумина партизирани обвинители и судии кои негативно влијаат на своите колеги кои работата согласно Уставот и законите, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за состав на идната влада, Христијан Мицкоски.

Тој на денешната прес-конференција, меѓу другото, беше прашан за коментар за писмото што сè уште актуелниот министер за правда во техничката влада, Кренар Лога, го испратил до официјален до Брисел, Вашингтон и до дел од странските амбасади во земјава и во кое изразува загриженост дека реформите што ВМРО-ДПМНЕ ги најави уште пред изборите во својата програма ќе значат упад во правосудниот систем на државата.

„Ќе направиме упад кај малкумина партизирани обвинители и судии кои, за жал, влијаат негативно врз оние обвинители и судии кои си ја вршат работата согласно закон и устав. Г. Лога, но и другите од претходната власт имаа можност речиси седум години да го реформираат и обвинителскиот и судскиот систем и наместо досегашните катастрофални два, три, четири, пет проценти доверба да го направат барем двоцифрен тој процент. За жал, тие не успеаја“,

изјави Мицкоски.
Како што посочи, за спроведување на оваа реформа ја имаат поддршката на повеќе од 600 илјади граѓани кои гласале за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на неодамнешните избори.

„Програмата ‘Платформа 1 198’ во којашто е содржана оваа реформа доби повеќе од половина милион гласови, заедно со коалицијата би рекол повлече од 600 илјади гласа и цениме дека тој легитимитет што го имаме, а е дел од изборите одржани пред некоја недела ни дава за право да постапуваме никако поинаку освен по она што е содржано во таа програма. И очекувам таа програма во најголем дел да биде дел од би рекол владината програма“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во писмото испратено до официјален Брисел, Вашингтон и до дел од странските амбасади во земјава, за кое вчера информираа од Правда, министерот Кренар Лога изрази загриженост поради најавата на ВМРО-ДПМНЕ, која партијата ја даде уште пред изборите, дека доколку дојде на власт ќе ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Лога преку писмо им се пожалил на Брисел, Вашингтон и амбасадорите за најавите за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители

Оценувајќи ги за избрзани и опасни, Лога во писмото вели дека најавите за распуштање на овие две тела ќе доведе до концентрација на моќта на трите власти кај една партија што, како што додава, ќе значи пресликување на состојбите од пред 2017 година, кои довеле до заробена држава.

Back to top button
Close