Мицкоски: За помалку од 4 недели водоснабдителниот систем во Гостивар беше целосно прочистен

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека одговорноста за функционирањето на водоснабдителниот систем во Гостивар е во надлежност на локалното јавно претпријатие, додека институциите на централната власт, според него, презеле низа мерки за надминување на кризата со водата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека со водоводот и снабдувањето со вода стопанисува јавно претпријатие чие раководство го поставува градоначалникот.
Тој додаде дека градоначалникот на Гостивар на вонредните избори бил поддржан од СДСМ и оцени дека опозицијата наместо таму, одговорност бара на друго место.
Премиерот рече дека Владата во изминатиот период обезбедила помош за нормализирање на состојбата, а системот, според него, бил целосно прочистен за помалку од четири недели.
Мицкоски се осврна и на информациите дека во минатото имало извештаи за несоодветен квалитет на водата во Гостивар, за кои, како што рече, не било постапувано.
Тој посочи дека за ова прашање веќе работат Обвинителството и МВР и порача дека треба да се утврди зошто претходно не биле преземени соодветни мерки.
Во периодот додека траеше кризата, Владата, според Мицкоски, повеќе од четири недели секојдневно обезбедувала меѓу два и три шлепери со вода за пиење, односно околу 50 до 60 тони вода дневно.






