Мицкоски за претседателот на клубот „Цар Борис Трети“: Не го познавам, еднаш се сретнавме и ми даде книга, му ја вратив

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, рече дека не го познава претседателот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски. Коментирајќи ја фотографијата што кружи на социјалните мрежи, а на која Мицкоски е во друштво на Блажевски, првиот човек на најголемата опозициска партија рече:

„Точно знам кога е направена таа фотографија. Бевме во Бигорски манастир да запалиме свеќи и тие беа таму како групација. Ми дадоа една книга, која нормално им ја вратив. Тоа е единствената моја средба со тоа момче – рече Мицкоски.

На прашањето како го коментира отворањето на бугарскиот клуб во Охрид, Мицкоски посочи дека тоа е една голема провокација која доаѓа како резултат на „поданичките и предавнички политики на владата на СДСМ“.

„Ако очекуваа некаква поддршка и помош ако почнат процес на асимилација на својот народ, еве им пример како резултираше нивната политика која не треба понатаму да се поддржува. Таа политика резултира со отворање на клуб со името на докажан фашист. Македонија и македонскиот народ како и ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе бидат на вистинската страна на историјата, на страната на антифашистичката борба и народот – потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсети дека поднеле предлог-закон за именување на здруженијата во Собранието и рече дека очекува дека ќе добијат поддршка од власта.

„Се надевам дека конечно ќе им ставиме крај на овие продадени души за левови и дека тие никогаш веќе нема да го провоцираат напатениот македонски народ – рече Мицкоски.

Back to top button
Close