Мицкоски за случајот со прислушувањето: Нема што повеќе да зборувам, нека појдат пратениците во агенциите

Нека појдат пратениците во сите агенции, и во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), кажав што имав да кажам, нема што повеќе да зборувам. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, при денешниот увид на проекти во Гази Баба, одговорајќи на новинарско прашање што очекува од посетата на пратениците на АНБ по наводите за негово незаконско прислушување како опозициски лидер, новинари и бизнисмени, како и за коментар на барањето на опозицијата да се декласифицираат податоците.

На денешната седница на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање беше одлучено членовите на оваа Комисија кои имаат безбедносен сертификат да ја посетат АНБ и да ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени. Со Комисијата претседаваше пратеникот Блерим Беџети. Членовите на Комисијата покрај надзорот во АНБ за утре во 12 часот донесоа одлука да ја посетат Агенцијата за разузнавање.

 

Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, новинари и бизнисмени.

 

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски во изјава за медиумите рече дека целата документација е испратена во Обвинителството, а премиерот Мицкоски неколкупати досега изјавуваше дека очекува Обвинителството да постапи.

Од опозицијата бараат декласификација на документацијата, а на прес-конференции, како што најавија, ќе ја објавуваат вистината за случајот АНБ.

Премиерот Мицкоски во неговиот говор на централната прослава по повод Денот на независноста рече дека не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, туку вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите. Според Мицкоски, мора да има одговорност.

-Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот од моето следење, рече Мицкоски ( press24)

Back to top button
Close