Мицкоски за средбата на високо ниво во Софија: Како човек сакам да имаме добри билатерални односи, како премиер – да го заштитам идентитетот

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека не знае што да очекува од утрешната средба на високо ниво во Софија помеѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината колешка – в.д. претседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Дека ќе се случи ваква средба во рамките на самитот од Процесот за соработка на Југоисточна Европа вчера во интервју за „360 степени“ потврди лично претседателката Сиљановска-Давкова.

 

На прашањето што очекува од најавената средба на шефицата на државата во Софија, премиерот вели:

„Навистина не знам што би можел да очекувам и која би била евентуалната содржина на средбата“.

Мицкоски рече дека како човек очекува земјава да има добрососедски односи со сите соседи, а дека како премиер ќе стори сè што е во негова моќ да го заштити идентитетот и интересот на граѓаните и на државата, како и да гради добрососедски односи со сите соседи врз основа на принципот на двонасоча улица.

„Ние имаме план и стратегија и одиме кон нив. Чуда никогаш не сме ветувале затоа што не сме чудотворци. Секој кој ветува чуда – лаже. Ние само ветувавме напорна работа, што и го правиме. Знам дека има очекувања некои работи да се случуваат побрзо, но она што денеска го зборувам го зборував уште во кампањата во 2022 година и ќе го зборувам и понатаму бидејќи мора работите да се постават на здрава основа за генерациите после нас да немаат главоболки какви што ние имаме. Работиме темелно, чесно и напорно, а резултаите полека доаѓаат. Тоа што е наша стратегија за реализација на овие цели полека се случува“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера изјави дека на средбата со Јотова очекува да се отворат и суштински прашања, бидејќи според неа нема нерешлив проблем.

Back to top button
Close