Мицкоски: За уставни измени мнозинство ќе нема, час поскоро предвремени избори

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува година на промени и повторно повика на предвремени парламентарни избори. Не верува дека Владата ќе собере мнозинство за уставни измени за кои, рече, ставот на неговата партија е непроменет.

-Ставот е дека овој Парламент нема мандат да менува Устав бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор, ниту опозицијата се согласила со тој договор, ниту, пак, излегла пред граѓаните да ветува дека ќе има уставни измени. Така што треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори, да излеземе сите со решение на проблемот што го донесе владата на ДУИ поддржана од СДСМ, па граѓаните се тие што ќе одлучат кому да ја дадат довербата. Ќе имаат неколку опции така што граѓаните се тие коишто ќе дадат насока каде ќе треба да се движи Македонија, изјави Мицкоски во Вевчани.

Дали верува дека Владата ќе собере мнозинство за уставни измени, одговори дека не верува оти ќе го задржи ни мнозинството за поддршка на оваа Влада, а за уставни измени, рече, мнозинство ќе нема.

На новинарско прашање Мицкоски ја коментираше и изјавата на Ковачевски дека комплимент е тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара избори во мај, зашто тоа, според премиерот, е признание дека Владата ефикасно се справува со енергетската криза која завршува на 30 април.

-Одлично. Ако тој верува дека е така, еве го повикувам да не дезертира, да излезе пред граѓаните на избори час поскоро и да види колку успешно се справува Владата и граѓаните ќе кажат дали се справува успешно или не се справува успешно. Има само еден начин тоа да се покаже – на избори. А вака, ако продолжи да дезертира и да се крие, за жал не ќе може да го добие сега и веднаш тој одговор на тоа дали успешно се справува, ќе треба да почекаме неколку месеци за овие пратеници коишто доаѓаат од пратеничката група на СДСМ и ДУИ да поддржат распуштање на Парламентот и промена на Владата, рече Мицкоски.

Во врска со средбата во Тирана на лидерите на албанскиот политички блок во земјава, Мицкоски рече дека е „катастрофална средба, која го дели народот во Македонија наместо да го обединува“.

– Средба на којашто треба да се спасува Владата на ДУИ поддржана од СДСМ и Ковачевски и средба без суштина, додаде Мицкоски.

Изјавата за медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја даде во Вевчеани каде што денеска почна дводневниот Вевчански карневал. Му честиташе на градоначалникот и општината што „со ограничени ресурси и скромно“ успеале да ја задржат традицијата на карневалот кој, како што рече, „доби нула денари поддршка од Министерството за култура“.

Back to top button
Close