Мицкоски: Заспивам и се будам со одговорност за смена на власта, Заев ни украде четири години од животот

 

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција го анализираше и го критикуваше по области владеењето на СДСМ, почнувајќи од првата влада на Заев избрана на 1 јуни 2017 година

 

Четири години украден живот на народот, тргување со идентитет, име и нација, многу криминал и неправда“ – се зборовите со кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го опиша четиригодишното владеење на СДСМ од изборот на Владата на 1 јуни 2017, кога Заев го почна првиот мандат како премиер.

„Клика од 30-ина силно криминализирани типови ја имаат запоседнато целата држава, но и самиот СДСМ. Рашковски, кој Заев толку го брани, не е причина за криминалот, тој е последицата. А имињата како Ден Дончев, Вице , Трајче, Ковачевски, Кирацовски, Николовски и другите чувари на криминалот во судството и обвинителството се само слуги на Заев во сомнежите за криминал и украден живот“,изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, владата на Заев не исполнила речиси ништо од ветувањата во програмата „План за живот“,со која настапи на изборите во 2016 година. На прес-конференцијата, Мицкоски се осврна на нереализирани проекти во економијата, здравството и образованието, а меѓу позначајните што требало да ги исполни власта ги спомена инвестициите, растот на бруто-домашниот производ, скалестиот данок, странските инвестиции, изградбата на „Чебрен“ и „Галиште“, автопатот Кичево-Охрид, како и Клиничкиот центар.

„Новиот Универзитетски клинички центар прво требаше да биде во околината на Бардовци, па се одлучија за Велеполе, меѓу Сарај и Ѓорче. Па им понудија на народот и на пратениците во парламентот измени на Законот за јавни набавки, каде што ќе ѝ се дозволи на најкриминалната влада да потпишува договор во четири очи за 508 милион евра, без да бидат опфатени имотно-правни односи, енергетско снабдување, пристани патишта и канализација. Во соседна Србија се гради за четири пати помала вредност од 125 милиони евра, но најкорумпирната влада тука го потврдува тој впечаток дека кога крадат, крадат за сите пари“,изјави Мицкоски.

Мицкоски побара оставка од Заев и за состојбите во образованието, културата, справувањето со пандемијата, и порача дека секој ден поминат со СДСМ на власт е на штета на државата.

„Одговорноста за смена на власта е на опозицијата и јас со таа одговорност заспивам и се будам. И ќе продолжам да се борам, но секој еден е важен во борбата за иднината на Македонија. Мафијата мора да биде на колена и спроведена пред лицето на правдата, доста е!“додаде Мицкоски.

Back to top button
Close