Мицковски: Има шпекулации дека Мијалков ке влезел во партијата да се пресмета со мене

Ако никој не успее да формира влада, не ја исклучувам можноста за нови парламентарни избори наесен, рече во вечерашното гостување на телевизија „Алфа“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Не би ме изненадило ако наесен има нови парламентарни избори во случај да не успееме ниту ние ниту друга партија да собере мнозинство. Гледаме дека и ДУИ го бара мандатот. Ако никој не успее да формира влада, не ја исклучувам можноста за нови парламентарни избори наесен – рече Мицкоски.

Коментирајќи ги повиците за негова оставка од актуелни и поранешни сопартијци, Мицкоски рече дека тоа биле луѓе кои одработувале за СДСМ.

-Тоа се луѓе кои седат во скут на Заев и кои имаат и кривични пријави. Инаку, тоа се луѓето кои се најзаслужни што денеска СДСМ и Заев до скоро беа прва партија во рамките на владата и тоа се луѓето коишто на крајот од нивното функционирање го доведоа ВМРО-ДПМНЕ таму каде што го доведоа. Затоа, нам ни треба катарза во партијата, да дојдат нови луѓе. Објавуваме конкурси за претседател на Унијата на млади сили, Унијата на ветераните… Ќе има сериозна промена во рамките на партијата и јас очекувам да функционира, без разлика дали ќе ја формираме новата влада или ќе бидеме во опозиција – рече Мицкоски.

На прашањето за препукувањата со екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ за време на превирањата околу референдумот и уставните измени, Мицкоски рече тој тоа го правел во корист на СДСМ, а со цел да биде на слобода. Рече и дека имало шпекулации дека Мијалков планира да влезе и да се „пресметува“ во партијата.

-Тој човек е исклучен од ВМРО-ДПМНЕ и долго време беше надвор од тековите на партијата и сега повторно се обидува нешто да направи. Мислам дека неуспешен ќе биде тој негов обид, иако до мене стигаат секакви шпекулации за начинот на кој тој би влегол во партијата и би се пресметал со мене. Јасно е зошто тоа го први, ете да се сетиме на случаите на СЈО каде судијка со месеци заборавила да закаже рочиште. Не верувам во случајности и сигурен сум дека тоа се луѓе кои се во скутот на Заеви и одработуваат за да бидат на слобода – рече Мицкоски.
Мицкоски обвини за обид за купување на пратеници од страна на СДСМ, посочувајќи дека им биле понудени пари и привилегии. Рече и дека повеќе од 10 милиони евра пред изборите биле поделени “на рака“, но тоа не го објавиле пред избори бидејќи, како што рече, одлучиле да се борат „витешки“.

-Поткуп е вршен преку институциите како оние картички што ги даваше Владата, но и вонинституционално. Нашата проценка е дека 10 милиони евра се поделени ‘на рака’ низ цела држава. За жал, сето тоа не мислам дека ќе биде предмет на опсервација на обвинителството затоа што им се поинтересни други работи. Ние одлучивме да се бориме витешки, но очигледно противникот не бил витез и не сакавме да ставиме дамка на преговарачкиот процес со ЕУ. Ценевме дека ќе се спротивставиме на терен, но очигледно дека не сме успеале и должам извинување на сите граѓани и вината ја преземам врз себе – рече Мицкоски.
На прашањето дали чувствува вина за изборните резултати и дали ќе си поднесе оставка, Мицкоски рече дека тоа најмногу би го сакал политичкиот противник.

-Реков дека чувствувам одговорност и тука нема дилема, но исто така кажав и дека по онаа недвосмислена доверба од членството што ја добив, ќе биде кукавички сега да се држам до мојот принцип и да избегам и да ја оставам целата работа, бидејќи така можеби би бил најсреќен политичкиот противник и онаа мала група која сака да направи преврат во ВМРО-ДПМНЕ за да ја користи за пазарења. Затоа сега тоа е една завршена работа – рече Мицкоски.
Околу преговорите за новата Влада, Мицкоски вели дека во моментов се случува „мерење на политичките сили“ и дека нема ништо конкретно што би можел да го истакне.

Според него, не би функционирала влада со широка коалиција, бидејќи тоа се докажало и со техничката влада.

Back to top button
Close