Мицковски незнаел дека има големи поскапувања но ако се уверел ќе воведел мерки до крајот на годинава
Премиерот Христијан Мицкоски нема информации за зголемување на цените на основните прехранбени производи по завршувањето на мерката за ограничување на бруто-профтитната маржа. Но, вели дека ако тоа се случи до крајот на месецот тогаш, како што изјави денеска, ќе бидат применети мерки што ќе важат до крајот на годината.
„Ги следиме состојбите, јас немам таква информација, разговарав со министерот (Бесар Дурмиши н.з.) пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки. Немам таква информација дека тоа се случува, но доколку се случи тоа на крајот од месецот автоматски ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годината“,
изјави премиер одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на општина Аеродром.
Мицкоски порача и дека нема да толерираат трикови за кои, како што кажа, слушаат во Владата, а се однесуваат на плаќањето на маржите на одредени маректи.
„Слушаме за трикови во коишто преку прокси (посреднички) правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг-услуги и пиар-услуги итн., а со тоа практично ќе се плаќа таа маржа којашто се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, стигаат и до нас тие информации, вознемирени сме од тоа што го слушаме, и добро е што го слушаме тоа, затоа што на тој начин не можеме да градиме партнерски однос“,изјави Мицкоски.
За потсетување мерката на Владата за ограничување на бруто-профитните маржи за поширока палета на основни прехранбени производи заврши на 30 април, што веднаш ги отвори стравувањата дека ќе има нагло зголемување на цените производите.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на 8 мај изјави дека инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и проверуваат дали кај производителите, дистрибутерите и трговците има зголемување на цените откако заврши мерката.
Доколку се утврди зголемување на цените на производите, во тој случај ќе се преземат поригорозни мерки, рече тој на прес-конференција посочувајќи дека меѓу мерките кои за кои се размислува е и да се покачи процентот на маржата.
Прашан што за него значи енормно зголемување и колкав е тој процент, Дурмиши рече дека доколку инспекторите утврдат оти има зголемување на цените на одредени производи од 10, 15 или 20 проценти, секторот во Економија што ги зема овие податоци ќе ги разгледа и тогаш ќе бидат донесени новите мерки.
Министерот најави и дека инспекторите на крајот од овој месец ќе направат извештај, кој ќе го достават до Владата и до Министерството за економија и труд.