Мицковски: преговори со ЕУ во јануари 2026
Денко Малески
Куса оптимистичка изјава на премиерот Мицковски за продолжување на преговорите со ЕУ некаде во јануари идната година, блесна вчера попладне на еден портал и веќе денес не можам да ја најдам. Јавноста, забележувам, не и обрна внимание. Единствената светла точка во, засега, непостоечкиот дијалог помеѓу власта и опозицијата за „бугарската тема“, е најавениот документ на македонските социјалдемократи.
Премиерот, по мало колебање, рече дека со „нетрпение“ го чека документот на кој, секако, ќе има свои забелешки. Тоа е одличен почеток за градење единство за продолжување на преговорите со ЕУ, единство кое никогаш не сме го постигнале за ниту една важна тема за државата од независноста наваму. Што се тркала зад брегот?Ако власта ја менува политичката насока, причини се две: притисокот од дома и притисокот од надвор.
Соочена со одговорноста да води држава, гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ особено оние како премиерот кои за прв пат носат државни одлуки, научиле некои лекции: дека со популизам се добива изборна битка ама, во отсутво на пари, меѓу два изборни циклуси, може да се загуби државата. Како што „филозофски“ ми рече еднаш еден молер за очекувањата на обичниот човек од политиката:
„Животот е сериозна работа – треба да се јаде!“. Соочени со секојдневни побарувања на пари, кои, како што знаеме, никогаш доволно, потрагата по излез од беспарицата станува примарна.
Ако ништо друго, претпоставувам дека властите ја провериле веродостојноста на информацијата дека, изминативе децении, додека Македонија добила една милијарда долари поддршка од ЕУ, членките на ЕУ од Балканот добиле по триесет милијарди.
Има еден стар виц од бивша Југославија за група белграѓани кои секојдневно се собирала во хотел „Славија“ и водела една иста дискусија.
Имено, „што ќе правиме ако нападнат Русите“ ? Одговорот секогаш бил еден:
„Ќе се бориме!“.
Но, еден ден некој поставил прашање на кое никој немал одговор: „А, што ќе правиме ако Русите не не нападнат?“.
Така и односот на сегашната власт кон Америка за време на претходната администрација на претседателот Бајден.
Отпорот кон надворешен притисок секогаш и секаде во светот е проследен од аплауз од гласачкото тело, па така правилото е : што поголем отпорот, посилен аплаузот.
Но, со Трамп за претседател, америкаснката политика се промени.
Нема притисок врз владата. Инструкциите до американската амбасада во Скопје, верувам, се да не биде зад воланот туку на задното седиште на колата наречена Македонија. И сега, што правиме?
Мислам дека запалените депонии носат со себе една симболика за тоа каква „црна дупка“ може да стане држава оставена надвор до европските интегративни процеси. Дека, во еден момент европскиот, па и американскиот фактор ќе интервенираат е несомнено.
Прашањето е само дали сега скоро или во моментот кога ќе избие внатрешна криза. Малку е веројатно дека ЕУ и Америка (макар на задното седиште) ќе остват да дојде до таква стагнација на државаата која би ја загрозила европската безбедност.
Тогаш, која од големите сили е надлежна за туркање на Македонија кон ЕУ во овој мопмент.
Судејќи според поканата до водачот на опозицијата да го посети Париз и активностите на нивниот амбасадор во Скопје, се чини, Франција.
И на крајот, кое е оптимистичкото сценарио кое би можело да се вообличи во наредните месеци, до јануари 2026?
Опозицијата предлага документ за откочување на проговорите. Тоа нема да биде магичен документ кој ќе ги реши проблемите со Бугарија,зашто таков и не постои, туку, да го парафразирам Конески „прост и строг“ документ за продолжување на преговорите со ЕУ кој треба власта да го надополни со своето барање за европски гаранции дека вклучувањето на Бугарите во уставот ќе биде и последното бугарско барање.
Изјавата на Кошта, претседателот на Европскиот совет, дека има разбирање за барањето на македонската влада за гаранции, би станала реалност во официјална изјава на Унијата дека го прифаќа брањето на Република Северна Македонија и дека ништо вон од веќе договореното не е прифатливо за ЕУ, вклучувајќи и нови барања од нејзината членка Бугарија.
Некој ќе рече дека ова би било операција за спасување образ (face saving operation) за сите инволвирани страни: ЕУ, Бугарија и Северна Македонија. Да, но едновремено тоа би било и операција за спасување на Македонија. Заслугата, пак, ќе биде на Мицковски и на Филипче кои би покажале на дело дека стоеле повисоко и гледале подалеку.