Мицкоски во Вашингтон: Ја поддржуваме политиката на Трамп

На говорницата на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците во Вашингтон, македонскиот премиер Христијан Мицкоски беше претставен како поддржувач на политиката на Доналд Трамп, дури и пред тој да биде избран за претседател на САД, а Македонија еден од големите стратешки партнери на Америка.

Мицкоски го коментираше и говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција.

– Можеби некои европски лидери ќе ми се налутат, но за мене тоа беше историски настан. Тоа беше инспиративен говор – рече тој и измами аплаузи во салата.

Коментирајќи ги изјавите на некои од присутните дека говорот на Џеј Ди Ванс бил мешање во внатрешните работи на суверени земји, Мицкоски рече дека на панел дискусија во Минхен потсетил на фактот дека од почетокот на независноста, заради остварување на стратешките цели да биде полноправна членка на НАТО и на ЕУ, Македонија ги смени своето знаме, својата валута, своето име и својот Устав, поради тоа што некои наши соседи го злоупотребиле своето членство во овие организации за да наметнат билатерални барања.

– Ако ова не е мешање во внатрешни работи на една суверена земја, тогаш што е? За што зборуваме ние? – праша Мицкоски.

Тој рече дека ние повторно сме под притисок да го смениме Уставот.

– Тоа не е фер. Не е фер кон една мала земја која сака да стане членка на ЕУ. Вредностите на ЕУ не се билатерализација на пристапниот процес – нагласи Мицкоски.

Модераторката го потенцираше фактот дека за разлика од повеќето големи европски земји кои имаат големи барања од НАТО, но не ги помируваат своте сметки, Македонија, иако мала земја, дава еден од најголемите придонеси во НАТО пер капита.

– Нашиот придонес е над 2 проценти. Ние сме целосно усогласени и ја поддржуваме политиката на претседателот Трамп – рече Мицкоски.

Back to top button
Close