Мицотакис: Договорот со Египет е национален успех

– Станува збор за национален успех, што затвора 15-годишно нерешено прашање, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за договорот што Грција вчера го потпиша со Египет за одредување на Ексклузивната економска зона, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека конкретниот договор испраќа јасна порака дека „кога дипломатија функционира врз основа на меѓународното право носи резултати“.

-Вчерашната значајна разврска несомнено става печат на мир, стабилност, но и легитимитет во поширокиот регион. Во исто време им служи на нашите цврсти национални стремежи, бидејќи овој договор, како и договорот што го потпишавме со Италија е заснован врз морското право, потпишан помеѓу две легитимни влади. Признава континентален гребен на нашите острови и суверени права во морските зони. И, секако, во пракса ги поништува нелегалните договори, како оној меѓу Турција и администрацијата на Триполи во Либија, рече Мицотакис.

Договорот меѓу Грција и Египет за Ексклузивната економска зона вчера во Каиро го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји.

Back to top button
Close