Мицотакис: Можни се силни притисоци врз Скопје ако не сфатат дека оваа политика ги води кон изолација

Доколку ги интересира да останат на европскиот пат, мислам дека нашите пријатели во Северна Македонија треба да сфатат дека заврши предизборниот период и веќе е дојдено време да станат сериозни и да го почитуваат меѓународниот договор, повторно порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, овој пат говорејќи за телевизијата „Опен“.

Договорот од Преспа, односите со нашата земја, ЕУ-перспективата, како и трите меморандуми кои произлегуваат од Договорот, а кои сè уште не се ратификувани од грчкиот парламент, беа дел од темите на кои Мицотакис се осврна во утринското интервју за телевизијата.

Во него тој, како што јави дописничката на МИА од Атина, детално говореше за сите актуелни теми во Грција, имајќи предвид дека земјата е во предизборен период за европските избори кои почнуваат на 9 јуни.

Говорејќи за прашањето за името на земјава, грчкиот премиер рече дека тие во никој случај нема да отстапат.

„Кога имаме прашања, како на пример со нашите северни соседи, ги решаваме со сериозност, јасно поставувајќи црвени линии, разјаснувајќи дека Договорот од Преспа треба да се почитува, иако не се согласувавме со многу негови аспекти и дека во прашањето за името ние во никој случај нема да отстапиме. Името на земјата е Северна Македонија и сè додека некои продолжуваат да ја именуваат Република Македонија да знаете дека ќе бидеме наспроти нив“рече Мицотакис.

Говорејќи во таа насока, тој посочи дека прашањата во Договорот што се однесуваат на името не се менуваат, но додаде дека постои можност да се разговара за иднината на договорот. Дополнително, грчкиот премиер, кажа дека она што тие можат да го сторат е да извршат голем притисок врз Скопје и врз власта да сфатат дека оваа политика на крајот ќе ги одведе во меѓународна изолација.

Мицотакис во овој контекст не ја исклучи можноста и од големи меѓународни притисоци, притоа навраќајќи се на реакциите кои уследија од ЕУ веднаш по инаугурацијата на новата претседателка на државава, за кои рече дека биле резултат на грчките интервенции. Во таа насока, тој посочи дека во овој момент Грција не е сама.

„Грција во овој момент не е изолирана, Скопје е изолирано. И мислам дека на крај ќе сфатат дека оваа политика е безизлезна и верувам дека ќе се прилагодат на притисоците што ќе им бидат извршени и мислам дека е добро тоа, бидејќи ние сакаме добри односи со нашиот северен сосед, вчера бев во Лерин, соседна земја е, ние инвестираме во Северна Македонија“,рече Мицотакис за „Опен“, пренесе МИА.

Во врска со меморандумите што сè уште не се ратификувани од парламентот, тој уште еднаш го повтори ставот дека на Грција ѝ се потребни дополнителни преговарачки оружја, а токму трите протоколи, според Мицотакис, ја засилуваат грчката позиција и се дипломатско оружје.

За ставот на Сириза дека со ратификацијата позицијата на Грција би станала посилна, Мицотакис рече дека токму спротивното би се случило бидејќи со тоа Скопје би добило аргумент да продолжи да го прави истото

Back to top button
Close