Мицотакис: Новиот премиер јасно да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, во спротивно може да има „непријатно прво искуство“ на НАТО Самиот

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повторно упати порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да даде категорична изјава дека кога официјално ќе стане премиер ќе го почитува Договорот од Преспа. Мицотакис, кој вечерва говореше во централното издание на вестите на грчката телевизија „Антена“ посочи дека во спротивно, единствено што може да постигне е „непријатно прво искуство“ на НАТО Самиот на почетокот на јули.

„Во однос на Скопје, Северна Македонија, мојата порака до мандатарот за премиер е многу јасна. Предизборниот период заврши. Договорот од Преспа, кој за нас имаше многу проблеми, но основното достигнување е едно име за сите, ерга омнес, мора да го почитува. И да даде категорична изјава, кога и официјално ќе ја преземе премиерската функција, дека го почитува Договорот од Преспа“,

рече Мицотакис, пренесува дописничката на МИА од Атина.
Во однос на тоа што би се случило во спротивно, Мицотакис најави „непријатно прво искуство“ на НАТО Самитот во првата половина на јули.

„Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули“,

додаде Мицотакис повторувајќи дека и на НАТО Самитот ќе го покрене конкретното прашање.
Мицотакис вели дека имаат начин да им објаснат на пријателите, затоа што, како што рече го сметаат „народот на Северна Македонија за пријателски народ“ дека, на крајот, „ако сакаат да се приближат кон Европа, патот кон Европа оди преку Грција и преку добри односи со Грција“, додавајќи дека истото важи и за Албанија.

Прашан дали е на маса можноста Грција да им го блокира патот на двете земји кон Европската Унија, Мицотакис изрази оптимизам дека сепак, тоа нема да биде потребно.

„Мислам дека нема да биде потребно да стигнеме дотаму, бидејќи сигурен сум дека на крајот ќе надвладее логиката. Но, мислам дека бев апсолутно јасен“,
рече Мицотакис.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во неделата изјави дека прашањето за употребата на уставното име Република Северна Македонија ќе го покрене на самитот на НАТО во Вашингтон во првата половина на јули.
Денеска, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски рече дека не очекува во 21 век талибанско однесување од кој било политичар.

Во врска со ова прашање, Мицкоски на денешната прес-конференција во Собранието рече „одговорот за хистеријата што се случува кај нашиот јужен сосед“ веќе го дал пред неколку недели.

Во таа насока тој повтори дека правото на слободно изразување и говорот е елементарно човеково право, а сè што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од правниот систем и уставен поредок на државата идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува.
Доколку на самитот на НАТО во јули Грција го постави прашањето околу почитувањето на Преспанскиот договор, Мицкоски рече дека неговата порака ќе биде во насока на градење мостови на соработка и пријателство со сите соседите.

За континуираните реакции од грчкиот премиер кој, меѓу другото, не ја исклучува можноста европскиот пат на земјава да биде затворен доколку новоизбраната шефица на државата и новата власт не се придржуваат до Преспанскиот договор, особено во делот на употребата на уставното име, вчера, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека не коментира изјави на Мицотакис.

Точно е дека Преспанскиот договор е дел од Преговарачката рамка за членство на земјава во Европската Унија, рече Сиљановска-Давкова додавајќи оти смета заканите од Грција не се во духот на развивањето на пријателските односи.

Во таа насока, претседателката посочи дека треба добро да се фрли поглед на културната дипломатија каде што проблемите се решаваат на поинаков начин.

Инаку, во однос на користењето на уставното име на државата, како што е веќе добро познато, Сиљановска-Давкова опстојува на ставот дека со тоа што не го користи, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, но во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија.

Ова наиде на жестоки реакции од Грција, од чии официјални претставници секојдневно пристигнуваат пораки дека новата власт во земјава треба да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата во секоја пригода.

Фитилот што ги запали страстите во Грција, а предизвикува контроверзии и во земјава беше моментот кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија.

Back to top button
Close