Мицотакис: Се враќаме во Атина со пакет од над 70 милијарди евра

Се враќаме во Атина со пакет помош што надминува 70 милијарди евра, рекорден износ за нашата земја, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес конференцијата во Брисел рано утрово, соопштувајќи ги резултатите за Грција од преговорите во Европската унија и постигнатиот договор, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис истакна дека Грција „откако го врати нејзиниот кредибилитет на европско ниво, беше повикана да учествува и активно учествуваше“ во сите преговори во изминатите четири дена.

Објаснувајќи го пакетот во вредност од 72 милијарди евра за Грција, грчкиот премиер истакна дека „грантовите од дополнителната одобрена програма всушност одговараат на околу еден дополнителен од Структурните фондови и Кохезиониот фонд“, односно малку повеќе од 19 милијарди, на кои, според Мицотакис се додаваат околу 12,5 милијарди евра во вид на заеми.

– Немаме никаква намера да се расфрламе и залудно да го потрошиме овој значаен европски капитал што ни е на располагање. Ќе го инвестираме во корист на сите Грци, ќе ги поддржиме вработените, ќе поддржиме храбри политики за зелена транзиција, дигитална модернизација, вештини. Ова е голема и би рекол единствена шанса за Грција и за Европа да направат голем скок напред. Немаме никаква намера да ја оставиме неискористена, рече Мицотакис.

Во однос на условите, тој објасни дека средствата ќе се исплаќаат и ќе бидат исплатени под услови кои ќе бидат пофлексибилни од постоечките услови на Структурните фондови и Кохезиониот фонд.

Тој додаде дека согласно постигнатиот договор, ниту една од државите нема право на вето на ниво на Европскиот совет, односно не може да се блокира исплатата на некоја од земјите членки.

Back to top button
Close