Мигранти во Сеута: Драматично спасување на бебе од морето

Неколкумесечно бебе е спасено од водите на Средоземно Море – фотографија која предизвика внимание низ цел свет.

    

Ова е една од фотографиите кои се врежуваат во сеќавањето: маж плива во морето, се прицврстува за спасувачки појас и во рацете нагоре подига бебе со бебешка капа на главата, неговите нозе уште висат во водата.

Фотографијата е направена во вторникот, кога околу 8.000 луѓе од Мароко со пливање стигнаа до шпанската енклава Сеута во Северна Африка. Оттогаш сликата е илјадници пати споделувана, а човекот на неа, 41-годишниот Хуан Франциско Вале од шпанската полициска единица Гвардиа Цивил, во својата земја е славен како херој и во повеќе интервјуа проговори за акцијата.

Бебето било сместено на грбот на мајката на површината на водата. „Го зграпчив бебето, беше мраз студено, целосно бледо, речиси воопшто не се движеше.. Искрено, не знаев дали е уште живо или е веќе мртво“, вели Вале.

Тој е член на специјална единица на шпанската полиција чија задача меѓу другото е спасување од вода. Акцијата пред Сеута, истакнува Вала, била трауматична, често било тешко да се распознае дали пливачките мигранти на грбот носат ранци, облека или можеби бебиња.

Вале работи веќе 12 години во шпанската полиција и е обучен за спасувачки акции во секакви замисливи ситуации во вода, но никогаш досега не бил конфронтиран со ваква „поплава од стотици очајни луѓе“. Според весникот „Ел паис“, бебето сега е на безбедно.

Преку 8.000 мигранти стигнаа во Сеута неделава во рок од 36 часа, шпанската армија 5600 од нив ги вратила директно назад во Мароко до вчера напладе, меѓу нив и малолетни лица, пракса која е контроверзна. Луѓе од Африка на секаков начин се обидуваат да стигнат како бегалци во ЕУ, ризикувајќи дури и давење во Средоземно Море.

извор. ДВ

Back to top button
Close