„Михаел ќе остане засекогаш во нашите сеќавања“: Училиштето се прости од 18-годишниот ученик кој загина во несреќата кај Илинден

Со емотивна објава, средното училиште „Здравко Цветковски“ се прости од својот ученик Михаел Арсовски, кој заедно со својот татко го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи во близина на полициската база „Брест“, во реонот на Меѓународниот аеродром Скопје.
Од училиштето информираа дека Михаел бил ученик во класот Г-4а и дека неговата ненадејна и трагична смрт длабоко ја потресла целата училишна заедница.
„Со длабока тага ја споделуваме веста за трагичната и ненадејна загуба на нашиот ученик Михаел Арсовски, ученик во Г-4а клас, кој заедно со својот татко трагично го загуби животот“, се наведува во објавата на училиштето.
Оттаму упатија најдлабоко сочувство до семејството, роднините, пријателите, соучениците и сите што го познавале Михаел.
„Михаел ќе остане засекогаш во нашите сеќавања како дел од нашето училишно семејство. Нека почиваат во мир“, порачаа од училиштето
Според информациите од Јавното обвинителство, во сообраќајната несреќа на самото место починале возачот на автомобилот „хјундаи“ и неговиот 18-годишен син, додека тешко била повредена и 18-годишната ќерка на возачот.
Со тешки телесни повреди се здобиле и возачот на автомобилот „опел корса“ и неговиот сопатник, двајцата на 18-годишна возраст. Тие биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба.
На местото на несреќата увид извршиле дежурен јавен обвинител, вешто лице и увидни екипи на Министерството за внатрешни работи.
Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на телата на починатите, а надлежните институции продолжуваат со преземање дејствија за утврдување на точните причини и околности под кои се случила несреќата.






