Милановиќ: Навредливо е кон Северна Македонија и Црна Гора да се каже дека Украина е најблиску до ЕУ

Навредливо е кон Северна Македонија и Црна Гора да се каже дека Украина е најблиску до членство во Европската унија, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничка прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев.

„Ми се чини дека тој цинизам и безобразлук на одредени европски структури е незапирлив. Тие луѓе како да се опседнати со Украина и како тоа да им е начин да останат на власт. Украина е земја во војна, без јасно дефинирана територија, која не е во состојба самата да се финансира. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ, отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон тие држави. Тоа е нечесно и не е човечки, ние ја уништуваме таа земја“,

изјави Милановиќ.

Фото: Принтскрин

Милановиќ додаде и дека односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се внатрешно-политичко прашање кое треба да го надминат меѓусебно.

„Очигледно е дека се работи за интимен политички простор и на Бугарија и на Бугарите, како и на Македонците. Но, зошто велам дека тоа е внатрешно политичко прашање? Власта во Македонија, која дојде неодамна, значи и претседателката и премиерот се од иста политичка групација и цврсто ја држат власта, очигледно не сакаат да направат некои компромиси. Додека проценуваат дека тоа не ја загрозува позицијата на државата, дека таа и натаму е цврста, тоа е само нивна одлука. Бугарија очигледно смета дека не може да помине преку некои работи и не е на мене јас да зборувам за тоа“,рече Милановиќ.

Во изјавата дадена на заедничка прес-конференција со Милановиќ, Радев порача дека Северна Македонија самата се блокира на патот кон ЕУ. Тој е категоричен дека Бугарија не ја запира С Македонија и не поставува никакви нови услови освен оние што веќе се договорени.

„Сè уште чекаме РСМ да го исполни јасно напишаниот услов кој би отворил врата за почеток на преговори. А тоа е гарантирање на рамноправноста на Бугарите во земјата преку нивно вклучување во Уставот. Тоа е она што го сакаме. Кон нашите соседи гледаме конструктивно и добронамерно и покрај нивниот постојан провокативен, па дури и навредлив речник кон нас. Правиме сè што е можно за да ги исполнат критериумите и условите што се усвоени и евидентирани“,кажа Радев.

Back to top button
Close