Милчо Манчевски со реакција по веста дека му е поднесена кривична за потрошени државни пари
На веста дека Финансиската полиција до јавното обвинителство поднела кривична пријава за режисерот Милчо Манчевски и неговата фирма „Банана филм“, а за неговото и финансиското работење на неговата фирма за потрошени 950.000 евра државни пари за кои Манчевски не доставил извештај во Агенцијата за филм, режисерот Милчо Манчевски се јави со своја реакција. Во реакцијата се вели:
„Проституирани медиуми се обидуваат со платени и повторени* лажни вести да водат хајка против укажувач на корупција и да вршат притисок врз институции за да го скријат криминалот на пет „филмски работници“.
Ние само ќе објавиме што вели судот во две правосилни пресуди кои го потврдија тоа што го пријавивме во 2020 и 2024 (а го потврдија и Антикорупциска, Транспаренси интернешнл, ДЗР, Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа и Министерството за култура).
„Банана филм“ и јас ги добивме сите судски процеси против поранешното раководство на Агенцијата за филм.
Во едната судот утврди дека кај службени лица на Агенцијата постоел судир на интереси со кој тенденциозно се работело против нашите проекти. Тие лица се Ана Василевска, главниот актер во хајката против нас, и Бранко Петровски, финансискиот советник на двајца директори против кои беа поднесени кривични пријави. Судот потврди дека конкурсите во Агенцијата за филм се местени.
Во другата судот пресуди дека Агенцијата постапила незаконски кога го блокирала нашиот филм КАЈМАК и наложи Агенцијата да го исплати тоа што веќе две години го должи за завршен филм дистрибуиран ширум светот – со камата.
Ги фаќа нервоза оти нашите кривични пријави против нив се процесуираат“, се вели во реакцијата на Манчевски.