Милен Керемедчиев: Дури и ако Бугарија го повлече ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, понатаму уште 36 пати ќе има можност да ги прекине преговарите

Проблемот на Бугарија со Северна Македонија останува нејасен за бугарските партнери, оцени поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи Милен Керемедчиев.

Тој во изјава за Бугарското национално радио (БНР) нагласи дека Софија во моментов се соочува со „двоен надворешен притисок“, додавајќи дека странците не разбираат што всушност сака Бугарија.

– Билатералниот проблем ние го пренесуваме на ниво на разговори на сите 27 земји (членки на ЕУ), смета поранешниот шеф на бугарската дипломатија.

Според Керемедчиев, дури и ако Бугарија сега го повлече ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, понатаму уште 36 пати ќе има можност да го прекине преговарачкиот процес, доколку смета дека земјата не ги исполнува бугарските барања.

Како пример тој ја посочува Хрватска, чии преговори со ЕУ беа блокирани од страна на Словенија во период од шест месеци поради спорови околу поглавјето „Транспорт“, додавајќи дека и во случајот со земјава на крајот од преговарачкиот процес Бугарија „се уште го има последниот збор“.

– Поставен е услов за промена на Уставот.  Ако Северна Македонија го направи тоа, поглавјето „Човекови права“ се отвора на почетокот и се затвора на крајот на процесот, изјави Керемедчиев објаснувајќи ги механизмите на преговорите за членство во ЕУ.

Тој смета дека сега е моментот за деблокирање на преговарачкиот процес со земјава, бидејќи по француското, следува чешкото претседателство со ЕУ, а по него и шведското.

– А Шведска не се занимава многу со проширувањето на Западниот Балкан, оценува Керемедчиев, додавајќи дека ако Северна Македонија и Албанија и натаму останат надвор од ЕУ, тоа ќе биде во интерес на Србија.

Back to top button
Close