Милевски: ЛДП не дава поддршка, но не е ни против. Владата не ја напуштаме

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски на својот Фејсбук профил пишува дека иако од ЛДП било испратено соопштение до јавноста, сепак останало нејасно кај некои медиуми и кај граѓаните, дали партијата го поддржува почетокот на преговорите со ЕУ или НЕ, врз основа на Францускиот предлог.

„ЛДП во ниту една своја одлука, НЕ даде согласност за почеток на преговори, со кои Македонија може да стане заложник на бугарските аспирации и желби да ја преземе македонската историја. Ги кажавме нашите црвени линии и загрижености.

Изразивме став дека НЕ се согласуваме, во рамката за почеток на преговорите да има билатерални прашања со соседите кои задираат во историските, културните и јазичните особености на македонскиот народ, кои можат да бидат потенцијална опасност за блокирање на евроинтегративниот процес на Македонија.

Во Собранието деновиве не се гласа за или против Францускиот предлог, туку се одредуваат црвените линии на оваа и било која друга Влада како да постапува во текот на преговорите со Унијата, доколку Владата донесе одлука за старт на преговорите со ЕУ, сега или во иднина. Тие црвени линии се заштита на македонскиот идентитет, самобитност, култура, историја, традиција“, пишува тој.

Милевски додава дека пратениците на ЛДП имаат историска должност да гласаат за заштита на македонскиот национален идентитет и за ова отстапки за нас нема.

„Жалам што дебатата во Собранието се сведува на напади и омаловажувања на едни со други и наместо да се дебатира за темата на Дневен ред која треба едногласно да се прифати и да бидеме ние како Македонци единствени за тоа што сакаме, Собранието стана заложник на екстремистичката пропагандна политика на проруска партија, која застапува интереси на државата Русија и чии високи претставници се чести гости на прослави во Москва. Русија е креатор на Санстефанскиот договор и создавањето на голема Бугарија во која спаѓа целата територија на Македонија и делови од Албанија. Русија ниту била, ниту ќе биде некогаш на страната на Македонија. Таа секогаш имала и ќе има поголеми сојузници од Македонија на Балканот и секогаш ќе ги штити нивните интереси, наместо интересите на Македонија и на македонскиот народ“, додава Милевски.

Затоа, пишува Милевски, за мене е нејасно како може политичка партија кај нас да ги спроведува руските интереси во Македонија, а притоа популистички да зборува дека работи во интерес на македонскиот народ.

 

„Оној кој спроведува руски пропагандни политики добро наплатени со руски рубљи не може да и мисли добро на државата Македонија. Штетата од поддршката на таквите политики ќе падне врз сите нас, граѓаните на Македонија. Да се навратам на Францускиот предлог. Она што за мене е спорно и е дилема во оваа ревидирана преговарачка рамка е искреноста и вистинските намери на ЕУ, дали вистински сака да ги започнеме и завршеме преговорите со ЕУ и да станеме рамноправна членка во блиска иднина или сака вечно да останеме пред портите на ЕУ. Доколку целта беше брзо завршување на преговорите, тогаш во предлогот, немаше да ги остават кукавичките јајца на Бугарија и нашето напредување кон полноправно членство ќе зависеше само и исклучиво од нашите реформи и напредок во сите општествени области“, додава Милевски.

Според него, вака се остава можност од име на Унијата Бугарија во секој можен чекор да ни става сопки на нашиот европски пат и наместо македонскиот воз да ита кон Брисел, да биде закочен на Софиската железничка станица.

 

„Овие недели добивав цврсти гаранции од многу влијателни центри на одлучување дека нема да се дозволи Бугарија да се изживува со нас во процесот на интеграција во Унијата и да се доведеме како држава до понижувачка позиција. Многу ветувања реализирале, но многу останало и не остварено и затоа овој пат сум толку многу скептичен во целиот процес. Останува да видиме во иднина дали биле искрени и ќе си држат до својот збор и ветувања. За да бидеме сигурни пак ние во Македонија, дека на никој нема да му текне да прифати некое бугарско романтичарско барање за приграбување на нашата Света македонска црква, историја, култура, приграбување на Охрид, Илинденците и се што за нас е свето и идентитетско и е наше и за кое се пролила многу македонска крв на нашите претци, клучна е историската комисија.

Затоа предлагам до колку Владата сепак одлучи да започне преговори на лизгав терен со Унијата, да се редефинира составот на историската комисија и начинот на нејзиниот избор, со цел да бидеме сигурни дека во текот на преговорите нема да се зачне македонскиот идентитет“, пишува Милевски.

 

Според него, составот на историската комисија наместо Владата, треба да го бира Собранието бидејќи тоа и ги донесува црвените линии.

 

„Нејзиниот состав треба да биде составен од еминентни историчари на предлог на:

– 2 претставници кои ќе ги делегира МАНУ како највисока научна институција во државата,

– 1 претставник да делегира УКИМ, катедра за историја,

– 1 претставник да делегира Претседателот на државата,

– 1 претставик најголемата владејачка партија,

– 1 претставник најголемата опозициона партија,

– 1 претставник најголемата партија на немнозинското население“, пишува Милевски.

 

„Дали треба да дадеме шанса како држава на процесот? Можеби треба, бидејќи ако сме сите едногласни и решени дека нема да отстапиме од она што за нас е свето, тогаш нема ни од што да се плашиме во овој процес, дека ќе изгубиме како Македонци. Она од што ќе се откажеме е членството во ЕУ и за тоа треба да бидат свесни сега и во иднина бриселските дипломати, бидејќи од нас Македонците ни сега ни во иднина Бугари не бидува. Треба некој да е многу луд, макар и само да помисли, дека може да менува историја и да владее“, порача Милевски.

Тој додава дека партијата ЛДП ќе го следи процесот одблизу.

Согласно заклучоците кои ги усвои Централниот одбор на партијата, НЕ даваме поддршка, но нема да бидеме ниту ПРОТИВ и кочничари на процесот, бидејќи друга алтернатива освен ЕУ немаме. Затоа на седница на Влада, НЕ можам позитивно да се изјаснам за ваков почеток на преговорите, од сомнежот кој ЕУ оправдано го остави кај мене, од нивните досегашни колебања, лаги и ветувања кои ја оставија Македонија 17 години во чекалната на ЕУ. Дали треба во овој момент ЛДП, ДОМ и ДС да ја напуштат Владата и да предизвикаат политичка криза, покрај постојната економска, енергетска, здравствена криза и моменталното толку силно изразено руско влијание во државата?

Одговорот и на ова прашање е НЕ, бидејќи граѓаните не заслужија дополнителни да им го компликуваме животот, а Владата треба да има целосен фокус на амортизирање на последиците од економската криза. Исто така важна причина за оваа одлука е наелектризираната атмосфера во општеството која ќе доведе после едни избрзани избори кои би се организирале на есен, идната Влада да биде заложник на руските сили кои ќе и нанесат само зло на државата, а тоа не смееме да го дозволиме.

Да се разбистри маглата која се фрли во јавноста, бурата од дезинформации и шпекулации да спласне и во мирно време во периодот кој е пред нас да излеземе сите на избори, гласајќи со разум и со една изборна единица, како што ни вети премиерот Ковачевски. Доколку во процесот осуетиме барем најмал обид за ретуширање на македонската историја, тогаш нашето место ќе биде на барикадите со народот.

И за крај, да не помислува никој да влијае врз процесите во ЛДП, бидејќи секој обид за киднапирање на партијата и правење на нечиј политички вазал ќе заврши неуспешно, како и многу пати во минатото. Како претседател кој додека ја има поддршката на членството, општинските организации, подмладокот, Форумот на жени ќе се борам со сите сили, ум и разум да ја зачувам самостојноста на ЛДП. И по мене ќе дојдат луѓе со исти ставови. Од нас освен упорни и изджливи либерали друго не бидува. ЛДП излегува секогаш посилна, бидејќи има идеологија и автономни наши автентични либерални ставови“, пишува Милевски.

Back to top button
Close