Милка Ефтимова за Светскиот ден на операта: Оперската музика претставува најголемиот прозорец кон поубавото и попријатното

Операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Токму затоа, во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното.

Порачува оперската примадона Милка Ефтимова која е авторка на македонската порака по повод Меѓународниот ден на операта – 25 Октомври 2022

Таа ја доживува како особена чест дадената можност во годината кога македонскиот оперски живот прославува два големи и знаајни јубилеја – 75 години од формирањето на националната оперска куќа, и воедно 50 години откако единствениот оперски фестивал во регионов и пошироко, „Мајските оперски вечери“, го започна својот раскошен и спектакуларен од по патот на уметноста, да ја пренесе пораката по повод Светскиот ден на операта.

-Во таа чест, како уметник кој со своите сценски креации и концертни изведби, уште од самите почетоци дректно учествувал во испишувањето на историјата на оперското исполнителство кај нас, но и како педагог кој стекнатите професионални знаења им ги пренел на своите студенти, денес успешни и афирмирани оперски пејачи, сакам да ги поврзам минатото, сегашноста и иднината. А, нив, можам да ги поврзам само со љубов. Љубов кон животот, љубов кон публиката, љубов кон музиката… Бидејќи операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов, вели Ефтимова.

Таа посакува оперската уметност повеќе и посилно да допира до човековото срце и да продира во човековата душа.

-Посакувам во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допира до човековото срце и што подлабоко да продира во човековата душа, наведува примадоната Ефтимова во пораката чиј ко–автор и уредник на текстот е д-р Александар Трајковски.

Милка Ефтимова родена на 26 февруари 1936 година во Радовиш, е истакната македонска оперска пејачка, првенка на Македонскиот народен театар, редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и концертен уметник со извонредно широк дијапазон на репертоарот.

Од 1961 година е солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје, а на 15 декември 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога и била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“ по што се ределе улоги во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Бетерфлај“, „Орфеј и Евридика“.

 

Во 1963 година со диригентот Фимчо Муратовски подготвиле програма за натпревар на Вториот меѓународен конкурс во Софија каде ја добила третата награда од 117 кандидата од 26 држави. Претседател на жирито бил Тоти Дал Монте од Италија. Од Метрополитен операта од Њујорк Курт Адлер, односно вкупно 23 еминетни уметници, напишале за Милка – „најпрекрасниот глас и најшармантната певица„.

 

За отворањето на новата монтажна зграда на МНТ во 1965 година (после земјотресот) Милка реализирала една нова улога, која со текот на годините станала и нејзин симбол – Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе. Во 1966 година заминала на специјализација како стипендист на Владата на Република Македонија во Италија во Санта Чичилија во Рим. Италијанска влада и доделила двомесечна стипендија за престој во Сиена, на Академијата Киџијана каде што продолжила да работи концертно пеење. Имала настапи и во Русија, Кина, Германија, Австрија и во Италија.

 

За време на шестте години додека се правела операта, отишла во Љубљана. Одлучила да ја прифати многупати упатуваната покана од страна на Љубљанската опера и веќе од септември 1967 година била првенка на оваа куќа. Во Љубљана реализирала 17 премиерни улоги. Најзначајните пред сè биле Кармен (премиера во 1968 година која рецензијата ја нарекла победа и слава на Ефтимова), потоа Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Арлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди. Хата во комедијата Продадена невеста на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата Еквинокциј на Марјан Козина. Своевиден примат остварила со Марфа во „Хованшчина“ на Модест Мусоргски.

Од Љубљана се вратила во 1978 година во Скопје како првенка на Операта при МНТ. Настапувала во низа обновени премиери од железниот репертоар како Трубадур, Кармен, Бал под маски, Евгениј Оњегин, Кавалерија Рустикана, Кнез Игор и Фауст. Реализирала антологиски премиерни улоги како што е Марчелина во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт и Неда во „Кузман Капидан“ од Трајко Прокопиев.

Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 6 ноември 1991 година. Тоа и била 157 претстава.

Милка Ефтимова е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип.

 

Back to top button
Close