Милка, повредената женка-штрк носи приказна за вратената доверба во добрината, но и за суровоста на човекот

Штркот кој беше крвнички малтретиран од група на малолетници во Гевгелија, и кој заврши со тешки повреди, всушност е женка чие име е Милка. За Милка, чии фотографии со крвавото и скршено крило ја вознемирија јавноста, раскажува Ленче Алексовска, која осевн за неа, веќе три години се грижи и за штркот Мишко.

За ,,Фокус” Алексовска, која работниот век го поминала помагајќи им на сите како медицинска сестра, раскажува дека се уште е потресена од настанот. Завчера четири деца, ученици во основно училиште со велосипеди безмилосно и без причина ја удирале Милка, која стоела на тревата до нејзината куќа, а изживувањето било снимено на видео камерите од домот на Ленче.

-Денес Милка на ветеринар ја прими третата доза од терапијата, и се молам да биде се во ред, да не добие инфекција, сепса… Тоа би било фатално за неа! Се работи за птица, трауматизирана е од настанот, не стои мирно додека ветеринарниот лекар работи, а крилото и е во ужасна состојба. Скршено, паднато од зглобот, виси…

Немам зборови со кои можам да го искажам ова чувство, во неверување сум од суровоста која ја видов! Зошто некој би сторил вакво зло, зошто би му нанел вакво страдање на едно живо суштество кое никому не направило лошо? Каде оди светот, каде оди младината, но и која е свеста на возрасните? – прашува Ленче, која и стана позната на јавноста откако пред три годни започна да се грижи за штркот Мишко кој и денес е со неа.

Како што раскажува, и Мишко и Милка имаат своја животна приказна. Мишко влегол во нејзиниот живот сосема случајно, во време кога минувала низ тежок период, по смртта на нејзиниот брат. Кога за првпат го видела Мишко, тој бил многу мал, беспомошен. Се нафатила да му го спаси животот, и иако на почеток било тешко, се испоставило дека донела исправна одлука. Дури и му го дала името на починатиот брат Мишко на малиот штрк, за кого до денес беспрекорно се грижи, а тој и возвраќал со огромна посветеност и љубов.

-Милка беше повозрасна кога ни се вкрстија патиштата. Таа беше женка со скршено крило, и не можев да ја оставам туку-така, решив да ја земам дома, да ја негувам и да и помогнам да преживее. Стекна доверба во мене, стекна доверба во човечкиот род, но после случката со малолетниците, не знам колку таа пак ќе може да верува во луѓето и во нивната добронамерност и чиста душа. И она кое посебно ме погоди, е тоа што сега и е скршено другото крило, она кое и беше здраво. Знаете ли што значи тоа за една птица? Како кога на човек ќе му ги ампутираат двете раце! А зошто, поради која причина може да се стори вакво злоставување?

Местото каде беше измачувана е на тротоар, пред мојот дом. Јас имам голем двор без трева, а тротоарот е со трева, па затоа штрковите секој ден одеа таму, никому никогаш ништо лошо не направија. Тоа се едни величенствени птици кои заслужуваат само восхит, а еве што дочекавме, вели Алексовска.

За времето поминато со штрковите, раскажува дека на почеток имала предизвици, но со тек на време и таа и птиците се прилагодиле на заедничкиот живот. Вели дека се работи за живи суштества со огромен интелект, кои имаат високо развиени чувства и се доста приврзани.

-По сето време минато со нив, тие се како луѓе! Не знаев многу за овие птици додека не дојде Мишко, а потоа по годинаипол и Милка. Но, стапив во контакт со Асоцијација за штркови од Мароко, се консутирам со доктор Абиди Мустафа, следам како таму, но и во Полска, Чешка и Либан се третираат овие птици.

Имаат огромна грижа од општеството, специјално изградени прифатилишта, ветеринарни лекари се грижат за нив. За нивно малтретирање или убиство, предвидени се ригорозни казни. Моментално го следам случајот во Либија, кога јато штркови беа убиени со пушки. Сторителите веднаш беа приведени, се очекува да започне судскиот процес против нив, и целата тамошна јавност излезе со осуда.

Кај нас, за жал, свеста се уште не е проработена на ниво. И не е проблемот само до децата, до младината, проблемот најмногу лежи во возрасните! Во моја близина, на место каде Мишко и Милка секојдневно прават прошетка, има детска градинка. Излегуваат децата со воспитувачките, ама ниту еднаш, баш ниту еднаш никој не прашал нешто за штрковите, да ги едуцираат децата, да ги научат да им се радуваат и да ги почитуваат животните.

Фалат е едукативни емисии за најмладите на националните телевизии, да им се даде пример, да се насочат кон вистински правец, да се научат на емпатија, не само кон луѓето туку и кон животните и да го ценат животот на секое суштество.

Нека случајот со Милка биде повод да се започне со промена на јавната свест, со промена во институциите, бидејќи стануваме сурово општество, се движиме по еден лош пат, вели Алексовска.

Појаснува дека овие прекрасни птици можат да ја преживеат и зимата кај нас и дека не е точно народното верување дека им сметаат ниските температури. Проблемот во зима за штрковите било замрзнувањето на почвата, бидејќи тогаш не можеле да дојдат до храна и умирале од глад. Снегот и студот не им сметал.

А кога е исхраната во прашање, додава дека сама се снаоѓа како знае и умее со своите примања, и досега само од една месарница и било понудено помош во храна.

-Дневно еден штрк може да изеде и по килограм до два риба. Секој ден купувам риба, ги хранам и со пилешко, со џигер… Месото мора да биде чисто, без саламура и други додатоци. Не е секогаш лесно да се обезбеди таа количина на храна, имам и студентка која студира во Штип, многупати се случило ние да си скратиме, за да има за Мишко и Милка.

На вашето прашање дали ми се потребни донации за нив, ќе одговорам дека добредојдени се исклучително донации во храна – риба и пилешко месо, но во никој случај не би прифатила финансии! Никогаш не би си дозволила да барам финансиска помош, кога знам дека живееме во општество каде тешко болни деца се лекуваат и спасуваат со помош на донациите од хуманите граѓани, никогаш не би си зела за право да им се скрати таа помош на болните деца!

Единствено, доколу има општествено одговорни месни компании, кои би сакале да помогнат со донација на храна за птиците, би била благодарна, потенцира Ленче.

За случајот со Милка, вчера од СВР Струмица за ,,Фокус” истакнаа дека веќе се превземаат мерки за негово расчистување. Како што ни потврди Ленче, во тек на вчерашниот ден ја посетиле полициски службеници.

-Од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија се преземаат мерки во рамки на надлежностите врз основа на објавената фотографија на социјалните медиуми, за што е запознаен и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се постапува, истакнаа за ,,Фокус” од СВР Струмица вчера по повод настанот кој предизвика бурни јавни реакции.

Вики КЛИНЧАРОВА

Фокус

 

 

Back to top button
Close