Mилошоски го обвини Османи дека криел клучен документ –  25 земји на ЕУ дозволиле влез без „Северна“, тврди Милошоски

Допис од италијанското МВР открива дека 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година, објави пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски на својот Фејсбук профил.

„Ова е допис од 23.02.2024 од МВР на Италија до нивната гранична полиција во кој е наведено дека, по препорака на Европската Комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година.

Оваа одлука не ја прифатиле само две земји членки, и тоа Грција (со официјален допис доставен до Комисијата) и Франција (неофицијален известување до ЕК)„ објавува Милошоски.

„МВР на Италија во дописот напоменува дека одлуката е донесена заради заштита на правото на слободата на движењето, а за периодот после крајот на септември граничната полиција дополнително ќе добие инструкции како да постапува.

Во истиот овој период многу некоректна беше постапката на министерот Османи кој ја криеше оваа информација за одлуката на 25 членки на ЕУ, која и тогаш и денес е многу важна за слободното движење на стотици илјади македонски државјани кои престојуваат во ЕУ. Врв на оваа негрижа кон македонските државјани беше тоа што на 6ти февруари амбасадорот Весел Мемеди (Рим) направи скандал со доставување на официјална дипломатска нота до италијанските власти во која патните исправи на кои пишува „Република Македонија“ ги прогласи за неважечки.

За жал, изгледа дека 25 држави членки на ЕУ имаат поголемо разбирање за слободата на движењето на македонските државјани со важечки пасоши “Република Македонија”, отколку што за тоа се грижат амбасадорот Мемеди и министерот Османи, кои се платени за да ги штитат интересите на македонските државјани“, објави тој на Фејсбук.

Министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на државата на Европскиот фронт Бујар Османи денеска ги демантираше и ги оцени како лажни вести обвинувањата од опозицијата дека наводно скрил важен документ од ЕК потпишан од 25 нивни членки освен од Грција и Франција дека до септември ќе не пуштаат со старите документи.

-Не е  точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ. Знаете дека создале фабрика за пропаганда и лажни вести и тоа е дел од таа фабрика, која што мислам дека наредните денови повеќе и повеќе ќе се разоткрие. Во однос на пасошите засега не се проблем европските земји. Проблем е што МВР го има сменето Законот и ги има декларирано нашите пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Така што ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ. Граѓаните со наши пасоши не можат да ја напуштат нашата граница бидејќи од нашите закони се декларирани како неважечки. Додека за враќање ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ, вели Османи на новинарско прашање по денешната дебата во Старата скопска чаршија во рамки на нефовата кампања за претседател.

Back to top button
Close