Милошоски: Иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ не е статутарна
Не е ниту статутарна, ниту правна иницијативата за одржување вонреден конгрес на група луѓе кои подолго време имаат одредена дистанца од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот на најголемата опозициска партија Антонио Милошоски, додавајќи дека станува збор за политичка иницијатива на група луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Зоран Заев и да го одвлечат вниманието на јавноста.
– Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, 3.000 жртви, 55.000 нови невработени и многу затворени фирми, оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и да му фрли гума за пливање на Зоран Заев. Затоа сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано е нестатутарна, политички гледано е координирана со Заев кому му е очајно потребен дефокус од лошите политики. На крајот на краиштата, бидејќи и самиот месец март е најавен од самите иницијатори, би било добро овие иницијатори заедно со Заев којшто најави исто така конгрес на СДСМ, да одржат заеднички конгрес сплотени со Заев. Ако веќе одработуваат за Заев, нека биде тоа на еден економичен начин, на исто место и со иста цел. Во ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сме изненадени од ваквиот чекор, бидејќи веќе беше најавуван долго време, политички е координиран со Заев, но истиот сметаме дека статутарно е неоснован, а политички може до одредена мерка да му послужи на Заев, ама нема да го спаси од реалните проблеми на корупција и хибриден режим – посочи Милошоски.