МИМ и Советот за етика во медиумите прават анализа за квалитетот на информирање на Локалните избори

Новинарите да ги почитуваат етичките норми од новинарскиот Кодекс, но и политичарите да се држат до Кодексот за фер кампања. Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите на регионални средби со новинарите врши анализа за квалитетот на информирањето на Локалните избори 2025, а денеска ваква средба имаше во Штип.
Билјана Петковска, директорка на МИМ нагласи дека почитувањето на етичките стандарди на новинарите за време на избори е посебно важно. Потенцира дека со начинот на известување влијаат врз одлуките на граѓаните при избор на јавните функционери.
-Новинарите треба да бидат уште поохрабрени да ги изнесуваат во јавноста, да им ги предочуваат на граѓаните сите информации за коишто сметаат дека се важни и на некој начин ги претставуваат темите, негативните страни од профилот на личноста на одреден кандидат, којшто ја сака довербата од граѓаните, вели Петковска.

Директорката на Советот на етика во медиумите, Билјана Георгиевска информира дека во изборната кампања најчесто се прекршува првиот член од Кодексот на новинарите – пласирање на нецелосни информации, односно немање на втора страна. Таа посочува дека има и случаи на пристрасно известување.
-Во услови вакви какви што се, со динамика што ја наметнуваат изборните циклуси новинарите многу често само ги пренесуваат политичките пораки целосно, коишто се објавени од политичките партии или кандидати од А до Ш и со тоа претставуваат само држачи на микрофон, без да додадат вредност на таа информација. Многу често деновиве слушаме дека во вториот круг влегуваат тој и тој кандидат, без да имаат дополнителна информација кој колку гласови освоил и како стојат со бројките, вели Георгиевска.
Таа додаде дека се прекршува и членот, во кој се вели дека „новинарите не треба да бидат пристрасни во известувањето и се преминува во манипулативно, обработувачко и пристрасно известување“.
Георгиевска истакна дека граѓаните можат да упатат и жалба доколку утврдат пречекорување на етичкиот кодекс и од страна на политичарите, односно кандидатите, каков што деновиве имаше и случај и жалба за еден актуелен градончалник, воедно и кандидат за градоначалник на општина од источниот регион, кој го користи официјалниот профил на општината за да ги рекламира постапките којшто самиот ги прави како кандидат за градоначалник. Пречекорувањето на етичките норми од страна на медиумите, може да се пријават во Советот за етика во медиумите.






