Минчев: Има институции каде што бројот на вработени е преголем, но 30 до 40 проценти вистински ги исполнуваат своите работни задачи
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека балансерот останува на сила, но потенцира дека не значи дека нема да биде предмет на дискусија за евентуално укинување. Тој истакна дека постојат институции со превработеност, а од друга страна, само 30 проценти од вработените ги исполнуваат своите работни задачи.
На прашањето во врска со намалувањето на администрацијата, во интервјуто за Радио слободна Европа, Минчев одговори дека реформите во јавната администрација треба да бидат предмет на сеопфатна анализа.
– Реформите во јавната администрација се започнати, ние влеговме во еден процес на дебата за едни закони, но тој процес треба да биде солиден и сеопфатен, во кој треба да бидат вклучени сите институции кои ги засега и јас се надевам дека во многу брз период ќе следат силни реформски процеси кои ќе бидат директно презентирани во јавноста, рече министерот.
Минчев информираше дека има институции во државата каде што бројот на вработени е преголем, но сепак можеби 30 до 40 проценти вистински ги исполнуваат своите работни задачи. Посочи и дека има инспекторати, или некои институции кои имаат 15 вработени, а имаат управни одбори од седум членови кои, како што дополни, патем земаат околу 2.000 до 2.500 евра и прават годишен трошок во Буџетот од околу 250 илјади евра, а имаат седница еднаш во годината.
– Такви институции и органи во државата има многу. Затоа е важно да најдеме добар баланс, да ја имаме реалната ситуација и мислам дека сме созреани да направиме еден голем исчекор во смисла на сериозни реформи кои ни претстојат во јавната администрација, дополни министерот.
За намалувањето на администрацијата кое беше најавувано во предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека е комплициран процес и предмет на анализа.
Во однос на укинувањето на Балансерот, тој рече дека тоа не може во моментов да се шпекулира, иако, како што посочи, скриниг извештајот на Европската Унија од 2023 година класифицира податок во кој што се вели дека намената на балансерот за која што е создаден практично не се исполнува, односно дека балансерот се злоупотребува.
– Јас и досега кажав дека во минатото Балансерот бил предмет на злоупотеба, односно имаме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на други етнички заедници, што значи Балансерот практично веќе ја губи својата намена за што е создаден. Во овој момент се применува законското решение. Сè додека нема друго законско решение на сила останува примената на Балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор, но тоа не значи дека нема да биде предмет за расправа за евентуално укинување на таа алатка Балансер, рече тој.
На прашањето дали Движењето За наша Македонија – ЗНАМ бара втор заменик директор на Царина, одговори дека е шпекулација.
– Тоа е шпекулација, тоа е информација којашо произлезе од медиумите. Колку што сум запознаен, заменичкото место е побарано од самата Царинска управа поради зголемен обем на работа. Во собраниската иницијатива потпишани се повеќе групи на пратеници, што значи од повеќе партии, но сепак крајното решение за заменик директор ќе биде врз база на услови, на критериуми и квалификации согласно постоечките закони, посочи Минчев.