Минесота се подготвува за масовни протести против имиграциските служби на САД

Десетици продавници, музеи, угостителски објекти и други бизниси во американската сојузна држава Минесота денеска се очекува да останат затворени во рамки на, како што го нарекуваат верските лидери и синдикати, општ штрајк во знак на протест против активностите на федералната Имиграциона и царинска служба (ICE).

Денеска се одбележува и ден на жалост за Рене Гуд, жената која пред две недели беше убиена од агент на американските имиграциони власти.

Во Минеаполис и Сент Пол секојдневно се одржуваат протести откако на 7 јануари Рене Гуд беше застрелана од службеник на ICE.

Организаторите соопштија дека повеќе од 700 бизниси низ целата држава денеска ги затвориле вратите во знак на солидарност. – Постигнуваме нешто историско, изјави Кејт Хавелин од организацијата „Неделивите Градови близнаци“, една од повеќе од 100 групи вклучени во мобилизацијата.

Повеќе од 300 барови, ресторани, музеи, продавници и други локални претпријатија се затворени за денот. Ниту еден училишен округ не е целосно затворен, но училиштата во Минеаполис и Сент Пол понудија можност за онлајн-настава, објави весникот „Минесота стар трибјун“.

Федералните органи за спроведување на законот со недели спроведуваат акции во областа на таканаречените Градови близнаци, при што повеќепати дојде до судири со членови на заедницата и активисти кои ги следат нивните активности.

Маршот планиран за денеска попладне (по локално време) во центарот на Минеаполис, според организаторите, треба да биде најголемата демонстрација против зголеменото присуство на федерални агенти, кое градоначалникот Џејкоб Фреј и други демократски функционери го споредија со инвазија.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри политиката кон Минесота по обвинувањата за измами насочени кон дел од големата сомалиско-американска заедница во државата. Тој претходно ги нарече сомалиските мигранти „отпад“ и изјави дека тие треба да бидат отстранети од земјата, во рамки на напорите за протерување на поголем број мигранти, вклучително и лица кои легално престојуваат или побарале азил.

Back to top button
Close