Минимум 50 отсто од кандидатите на пратеничките листи на СДСМ ќе бидат жени, а можеби и повеќе – вели Ковачевски

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски денеска изјави дека веќе завршиле со постапката за предлагање на кандидати за пратеници и во тек е нивна селекција. Во моментов, исто така, се водат и разговори со коалициските партии за распределба на кандидатите на листите за пратеници.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски / Фото: МИА

Одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на трибината „Гласна и храбра – Ти ја продолжуваш борбата“, во Музејот на современа уметност, а по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, во однос на тоа дали на кандидатските листи за пратеници ќе биде зголемен бројот на жени, Ковачевски изјави дека и во овој пратенички состав на СДСМ има поголем број на жени пратеници, отколку мажи.

„Ние и сега имаме повеќе пратенички жени во Собранието во пратеничката група, отколку мажи. Така што, минимумот од 50 отсто сигурно ќе биде застапен на пратеничките листи, може ќе биде повеќе од 50 отсто, но сигурно нема да биде помалку“,ја пренесува МИА, изјавата на лидерот на СДСМ.  

Од општинските организации, како што информираше Ковачевски, предложени се околу 1 000 кандидати, од кои 700 ги имаат поднесено своите кандидатури со целата потребна документација.

Тој рече дека во наредните две недели, во рамки на законските рокови, ќе ги комплетираат пратеничките листи кои потоа ќе бидат предложени на партиски конгрес од страна на Извршниот и Централниот одбор на партијата.

„Ние веќе имаме одлука за закажување на два конгреси, едниот веќе се одржа за номинирање на претседателски кандидат, господинот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски кој уште еднаш ја доби поддршката од СДСМ. Според одлуката на ЦО и роковникот и правилниците, точниот датум и местото на одржување на (другиот) конгрес, исто како и претходниот ќе биде закажано од страна на секретарот, кој што е задолжен во координација со раководството и ИО по завршување на сите процедурални работи, а во однос на кандидирањето и селекцијата на кандидатите“,рече Ковачевски. 

Листите на кандатите за пратениците, според роковникот на Државната изборна комисија (ДИК) овластените преставници на предлагачите треба да ги достават најдоцна до 2 април, 35 дена пред одржувањето на парламентарните избори, кои се закажани за 8 мај.

Денеска на полноќ истекува рокот за собирање на граѓански потписи за претседателскуте и кандидатурите за пратеници во парламентот, кое почна пред точно две недели, на 23 февруари.

Во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) граѓаните ќе може до вечерва заклучно со 24 часот да го дадат својот потпис за некој од претендентите за кандидати за шеф на државата или за независните листи за пратеници.

По десет илјади потписи за кандидатура на претседателските избори собираат вкупно 15 кандидати. Седум од нив веќе успеаја да го соберат потребниот број на граѓански потписи и да си обезбедат место во трката за шеф на државата чиј прв круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Back to top button
Close