Министерката Костадиновска-Стојчевска го отвори Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола

Почнуваат денови исполнети со аплаузи за актери од 11 држави на фестивалот за монодрама во Битола, истакна министерката во Министерството за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на 23. издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола.

Прогласувајќи го големиот меѓународен културен настан за отворен, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Интернационалниот фестивал на монодрама е еден од серијата културни настани во Битола.

– Градот на конзулите, бил и ќе биде достоен домаќин на бројни културни настани, како и на Интернационалниот фестивал на монодрамата. Во овие седум фестивалски денови ќе биде задоволство да проследиме монодрамски претстави на актери од 11 земји и да им го подариме нашето достојно внимание. Во претходниот период доживеавме многу монодрами во пандемичниот живот на дистанца, но сега е време за убави фестивалски денови исполнети со многу аплаузи, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Фестивалот почна со монодрамата „Само глас“ во која настапи актерката Ѕвездана Ангеловска, проект на авторката Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светло.

Добредојде на гостите од државата и странство им посака директорката на НУ Центар за култура – Битола, Маја Андоновска Илијевски која потсети дека фестивалот годинава се одржува под мотото „Помеѓу“ и ќе се одвива до 21 мај на повеќе акетрски сцени.

Според програмата, утревечер ќе бидат изведени две монодрами на актерки од Хрватска и Северна Македонија.

Back to top button
Close