Министерката Шахпаска на настан за воведување на услугата домашна нега и помош на стари лица од општините Бутел и Чучер Сандево

– Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ќе присуствува на почетокот на воведувањето на услугата домашна нега и помош на стари лица од подрачјето на општините Бутел и Чучер Сандево, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Услугата, како што појаснуваат од МТСП, е наменета за лица од над 65-годишна возраст кои не се во состојба самите да се грижат за себе.
Главна цел на новата услуга е да го подобри и одржи здравјето на старите лица од подрачјето на општините Бутел и Чучер Сандево и да им помогне во извршувањето на активностите од секојдневниот живот.
Развојот на оваа социјална услуга, како дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, е финансиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска банка.
Покрај Шахпаска, на настанот, меѓудругите, ќе присуствува и Велимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел.






