Министерката Шахпаска во посета на реновираната градинка Корчагин – Пепелашка, подготвена за прием на деца на 9 септември
– Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, денеска беа во посета на реновираната градинка Раде Јовчевски Корчагин“ – објект Пепелашка, која е целосно подготвена за прием на деца на 9 септември.
-Вложувањето во квалитетно претшколско образование, во детските градинки, центрите за ран детски развој, претставува приоритет на нашата Влада, нешто што го покажавме изминатиот период, преку реконструкција и отворање на 43 објекти за сместување на децата. Ако создадете квалитетни и здрави личности, кои понатаму ќе стартуваат во образовниот процес, вие гарантирате квалитетна иднина на државата, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека до крајот на мандатот на оваа Влада, околу 7500 деца треба да бидат сместени во детски градинки, а на тој начин би се зголемил опфатот на деца во претшколско образование на 60 отсто.
-Полека но сигурно се движиме кон европскиот просек за сместување на деца во претшколска возраст, истакна Шахпаска и воедно им посака здравје и среќен почеток на најмладите, вработените во градинките и родителите.
На детската градинка „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект Пепелашка беше извршена темелна реконструкција, прва од ваков тип по 65 години.
-Преку реализацијата на овој проект – Реконструкција и опремување на детска градинка Корчагин – клон Пепелашка, целосно е реконструиран целиот објект на оваа градинка, со површина од 894 м2, а директна корист имаат 115 деца кои што го посетуваат воспитно-образовниот процес во оваа јавна установа, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Општина Центар ја реализираше реконструкцијата на градинката преку проектната единица на Министерство за финансии и МСИП проектот, финансиран преку Светска банка и учество на општината