Министерката за одбрана Петровска заедно со синдикатите ги усогласиja предлог измените на Законот за служба во Армијата

Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од илјада евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог, согласно барањето на синдикатите, е износот да биде две просечни плати но не помалку од илјада евра, со што е оставен простор за повисок износ

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во Домот на Армијата во Скопје, оствари заедничка средба со претставници на синдикатите на одбраната и со Иницијативниот одбор на армиските пензионери на која беше постигната согласност околу предлог измените на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, информираат од Министерството за одбрана (МО).

„Заедно сме обединети за иста цел. Преку интензивните дискусии што ги имав со вас дојдовме до предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата  во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж“,рече Петровска.

Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од илјада евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог, согласно барањето на синдикатите, е износот да биде две просечни плати но не помалку од илјада евра, со што е оставен простор за повисок износ.

До предлагањето на измените на Законот, на барање на синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно-технички персонал во министерството и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции.

Од министерството информираа дека Петровска презеде обврска да отвори уште една можност за професионалните војници со навршени 45 години – тие да бидат дел од реформата на Системот за управување со кризи, да бидат опфатени со Законот за критична инфраструктура и Законот за вработени во МО.

Од МО велат дека предлог измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата беа повлечени од министерката Петровска со цел да бат дополнети и доставени до Собранието како заеднички производ, креиран преку инклузивен процес на Министерството, Генералштабот и синдикатите на одбраната.

Back to top button
Close