Министерот Мисајловски не се согласува дека изборот на Петар Богојески за наставник на Воената академија е политичко вдомување
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, не се согласи дека изборот на Петар Богојески за наставник на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ е политичко вдомување на човек што мораше да замине од позицијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Тој додаде дека Богојески многу години работи во Министерството за одбрана, а наставното звање е дадено согласно процедура. Според Статутот на Академијата, деканот го именува министерот за одбрана на предлог на Наставно-научниот совет.
„Има комисија, научниот совет заседава и го избрал. Јас, прво, максимално не се мешам. Имаат целосна автономност. Но, дали таму има професиори што се од различни политички партии? Има. Дали дел се, можеби, во овој момент коалициски партнери, има контра власт итн. Има различни профили. Мене ми е важно сè да биде согласно закон“,
рече министерот Мисајловски.
На прашањето зошто некој за кого институциите на Европската Унија отворено рекоа дека е неприфатлив да ја води Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, би бил соодветен да едуцира идни кадри за одбраната и армијата, министерот Мисајловски рече дека не е запознаен со ова и не може да потврди дека така е кажано.
„Пред да започне да биде директор, оваа постапка била почната. Ние како Министерство не знаевме на која позиција ќе биде назначен тој. Таа постапка паралелно се водела“,вели тој.

По ова следуваше новинарска забелешка дека Богојески на 9 април бил поставен за директор на Националната агенција, а на 14 мај е распишан конкурсот во Воената академија. Тоа е еден месец откако станал директор. Но, министерот Мисајловски појасни дека зборува за постапката за преземање, а не за научното звање.
„Вие зборувате за научното звање. Јас ви зборувам за преземањето. Таа постапка е претходно започната, согласно новиот закон што се донесе. Таа постапка за преземање таму. И потоа мислењето од Министерството за образование. Јас зборувам за тој дел“,објасни Мисајловски.
Мисајловски не се согласи ниту со констатацијата дека текот на настаните упатува на тоа дека конкурсот е распишан целно за Богојески да виде вдомен откако станало јасно дека за Брисел е неприфатливо тој да биде директор на Националната агенција.
„Апсолутно не. Еве, јас вчера побарав од деканот да добијам дополнителна информација бидејќи не знаев што се договорило на научниот совет, како и дека бил избран. Но, ако некој е квалитетен и може да придонесе, секој има простор, согласно законот, да добие звање“,додаде министерот.