Министерот за правда редовно ќе информира за функционирањето на работната група , изјави Ковачевски

Работната група ќе биде транспарентна во работењето. Не би се мешал во нејзината работа, верувам дека министерот за правда редовно ќе информира за тоа како функционира зашто таа е во рамки на тоа Министерство, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан за неговите очекувања од групата што од денеска треба да почне да работи на амандмани за измени на Уставот.

Рече дека согласно со Преговарачката рамка усвоена од 27-те земји членки на ЕУ и Заклучоците на Собранието за прифаќање на европскиот предлог за отпочнување преговори на Северна Македонија со ЕУ, Владата преку Министерството за правда ја формираше работната група која треба да го изготви текстот на предлог-амандманите.

-Тие ќе работат според своите правни норми. Мислам дека денеска почнуваат со работа, ќе биде избран претседател и другата форма на функционирање на работната група. Таа ќе биде транспарентна како работи, додаде Ковачевски одговарајќи на прашања по отворањето на Самит Македонија 2025.

Back to top button
Close