Министерот за здравство најавува дека идната недела ќе биде објавен конечниот извештај за случајот „Жан Митрев“

Министерот Беким Сали вели дека Министерството за здравство е во фаза на финално комплетирање на извештаите од петте институции и комисии што постапуваа во овој случај. Според министерот, четири извештаи се добие уште во септември и се финализира петтиот – за хемофилтрацијата како метод за лекување пациенти со ковид-19 во болницата „Жан Митрев“

Министерот за здравство Беким Сали вели дека идната недела ќе биде објавен финалниот извештај од работата на неколкуте комисии и државни здравствени институции во случајот „Жан Митрев“ по новинарското истражување на ИРЛ кое откри дека хемофилтрацијата со која се лекувале болни од ковид-19, всушност, била клиничко испитување, а не проверен метод, за кој, патем, се плаќале по неколку илјади евра. Во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Сали не сакаше пред време да открие дел од наодите, меѓу другото, и поради истрагата што ја води јавното обвинителство.
Министерот повтори дека петте комисии и институции што работеа на утврдување на состојбата се: Државниот санитарен и здравствен инспекторат, МАЛМЕД – надлежна во делот на клинички истражувања, Лекарската комора, посебно формираната комисија за интрахоспиталните инфекции, како и посебната комисија за хемофилтрацијата.

„Четири извештаи се добиени во септември, но јас не сакав посебно да се објавуваат поради целиот процес. Последниот извештај, за кој верувам дека во текот на следната недела ќе го финализираме, е извештајот за хемофилтрацијата како метод за лекување пациенти со ковид-19. Во него треба да се добие образложение за тоа колкава била индикацијата или имало и контраиндикации, или била начин кој предизвикал смрт на многу пациенти. Тоа ќе биде нашата професионална констатација“, рече Сали во „360 степени“.
Министерот тврди дека тоа што тој ќе го добие ќе биде објавено во јавноста и инсистира дека е подобро да се комплетираат сите документи и потоа се да биде покажано пред граѓаните.

„Ние како целина треба да го објавиме во јавноста, се разбира, во рамките на надлежностите на Министерството за здравство за тоа што, според нашите инспекции, се случило. Се разбира, потоа целиот материјал ќе оди во Јавното обвинителство и таму ќе се третира како предмет кој се однесува и со другата – финансиската страна“, изјави Сали.
Во однос на комисијата што ја анализирала хемофилтрацијата, министерот за здравство вели дека во неа ги вклучил „најеминентните и најповиканите“, кои, анализирајќи ја документацијата за 630 случаи, го дале стручното мислење и сега се сумираат заклучоците.

„Верувам дека во текот на следната недела би требало да завршиме со извештајот. Се ќе биде јавно, како што сум ветил на почетокот кога се отвори случајот, при што кажав дека никој, ниту една институција нема да биде поштедена ако имало нерегуларности и се практикувале методи кои биле на штета на здравјето на граѓаните“, рече министерот за здравство.

Back to top button
Close