Министерски состанок на Агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации
Министерски состанок на Агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации, кој ги обедини клучните засегнати страни од Европската Унија и од регионот на Западен Балкан се одржа денеска онлајн.
За време на состанокот, како што соопшти Министерството за култура, министрите одговорни за иновации, истражување, образование и култура од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и од Србија разговараа и ги изнесоа своите ставови за Агендата на Западен Балкан на одделни тематски тркалезни маси.
За време на состанокот, Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, ја претставила својата визија и новиот наратив за Западен Балкан: „Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт“, сеопфатна, долгорочна стратегија за соработка меѓу Европската Унија и Западен Балкан.
На состанокот, кој се одржуваше на високо министерско ниво, учествуваше и министерката за култура Ирена Стефоска, која во своето излагање потсети на културните вредности, потенцирајќи ги трите приоритети на нејзиниот мандат: европските интеграции, културното наследство и младите.
– Би сакале овие приоритети да бидат повидливи во Агендата за култура на Западен Балкан, рече Стефоска.
Министрите, како што посочија од Министерството за култура, на денешниот состанок ја вклучија културата во Агендата – Западен Балкан, преку посебна стратешка линија. Покрај ова, на состанокот на високо ниво бил усвоен и повисок буџет за програмата Креативна Европа при Европската Комисија.
– Во рамките на овие цели, потребно е да се обрне особено внимание на создавањето регионална платформа за културни политики која би вклучувала и заедничка база на податоци. За културното наследство, Стефоска рече дека е неопходно да се поттикнуваат иновативни пристапи и алтернативно користење на културното наследство со цел создавање нови врски и традиции кои ги зближуваат заедниците и го засилуваат чувството на припадност. Во своето излагање пред високите делегати од ЕК и министрите од Западен Балкан, Стефоска ја нагласи потребата од засилена поддршка на мобилноста на културните оператори, особено на младите, и поддршка и развој на креативните индустрии, наведуваат во соопштението.
На крајот, министерката Стефоска потенцирала дека ни е потребна оваа заедничка Агенда на Западен Балкан за иновации, истражувања, образование, култура, млади и спорт и дека сме одлучни да продолжиме да ја развиваме и да ја прошируваме европската културна арена како суштинско средство за градење на нашата иднина.