Министерски совет на ОБСЕ во Скопје: Блинкен и Лавров ќе се разминат
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој доцна попладнево пристигна во Скопје, по што оствари средби со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, се очекува уште вечерва, неколку часа по доаѓањето, да ја напушти земјава.
Блинкен, кој во моментов учествува на неформалната вечера во хотелот „Александар Палас“, која му претходи на официјалниот старт на Министерскиот совет на ОБСЕ, според најавите, се очекува веднаш по нејзиното завршување, околу 21 часот, да се упати кон Меѓународниот аеродром „Скопје“ и да замине од земјава.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пак, според најавите, нема да слета во Скопје пред 22:30 часот, што е по времето во кое се очекува од земјава да замине американскиот државен секретар.
Тоа значи дека и покрај најавата за присуство и на американскиот и на рускиот дипломат на Министерскиот совет на ОБСЕ, тие воопшто нема да бидат во Скопје во исто време.
Нивна средба, меѓутоа, воопшто и не беше најавена.
Висок функционер на Стејт департментот, кого го цитира Гласот на Америка, рече дека не очекува Блинкен да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на состанокот во Скопје.
Претходно и официјална Москва објави дека средба меѓу Блинкен и Лавров во Скопје нема да има.